Атентатот врз Трамп може да се одрази и врз состојбите во регионот - Фото: Пиксабеј

Атентатот врз Трамп и Балканот: Некој локален Крукс лесно може да го детонира балканското буре барут

Она што деновиве се наметнува како дилема кај овдешната јавност е колку ваквите случувања во САД, но и во Европа, можат да се рефлектираат и тука во регионот, имајќи ги предвид сложената геополитичка ситуација на Балканот и многубројните отворени прашања, кои претставуваат сериозен ризик од безбедносен аспект. Неодамна црногорската полиција ги зголеми безбедносните мерки околу поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по информациите дека против него се подготвува атентат. Слични реакции имаа надлежните безбедносни служби и во соседна Србија, по заканите по животот на српскиот претседател Вучиќ и неговото потесно семејство

Не стивнуваат реакциите по неуспешниот атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп за време на предизборен митинг во американската сојузна држава Пенсилванија, а она што по сите анализи може да се издвои како некаков генерален заклучок е потфрлањето на безбедносните служби.
Несомнено, неуспешниот атентат врз Трамп, како и уште неколку успешни и неуспешни атентати во релативно краток временски период, почнувајќи од криминалната егзекуција на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе во 2022 година, па неуспешниот атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо во мај, но и мистериозните околности под кои животот го загуби иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа истиот месец, говорат дека сѐ почесто одредени политички фигури се на удар и дека наративот што се создава околу нив (социјални мрежи, медиуми, изјави на јавни личности итн.) лесно може да мотивира некои тотални анонимуси да земат оружје и да извршат атентат врз која било личност.

Опасен тренд што веќе беше присутен на Балканот

Она што деновиве се наметнува како дилема кај овдешната јавност е колку ваквите случувања во САД, но и во Европа, можат да се рефлектираат и тука во регионот, имајќи ги предвид сложената геополитичка ситуација на Балканот и многубројните отворени прашања, кои претставуваат сериозен ризик од безбедносен аспект.

Неодамна црногорската полиција ги зголеми безбедносните мерки против поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по информациите дека против него се подготвува атентат.

Ова беше објавено на 14 јули, откако ден претходно неколку медиуми во Црна Гора, повикувајќи се на извори од безбедносниот сектор, објавија дека криминална група од регионот подготвувала атентат врз Ѓукановиќ и дека поранешниот претседател на Црна Гора бил информиран за ова од неименуван припадник на странски разузнавачки служби.

Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, реагираше на веста за планирање на атентатот на Мило Ѓукановиќ, наведувајќи дека оваа информација е многу загрижувачка за мирот и стабилноста на овие простори.

Потпретседателот на српската влада, Александар Вулин, по неуспешниот атентат врз Доналд Трамп, ги повика властите да ги зголемат безбедносните мерки за претседателот Александар Вучиќ и неговото семејство.
– Со медиумски притисок се обидуваат да ги натераат да се откажат од државната заштита и да бидат уште полесни цели. Нека се подготват Вучиќ и секој што има храброст да се бори за слобода. Обидот за убиство на поранешниот претседател Трамп е израз на дозволена и поттикната омраза, истата омраза што се поттикнува и слободно се изразува кон Вучиќ и Србија – рече Вулин зборувајќи за Вучиќ и за неговото семејство.

Впрочем, Балканот веќе има искуства со вакви атентати извршени во исклучително сложени политички периоди, во кои за влакно беше избегната поголема регионална конфронтација.

На 3 октомври 1995 година беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, кој го преживеа атентатот. Извршителите и нарачателите на нападот никогаш не беа откриени, иако имало извесни сознанија претходно дека Глигоров би можел да биде елиминиран.

Во 2003 година беше извршен атентат врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, кој беше смртно застрелан во близината на зградата на српската влада. Индикативно е што Ѓинѓиќ еден месец пред атентатот и самиот соопштил дека е потенцијална цел на атентаторите, но очигледно безбедносните служби не ги сфатиле сериозно ваквите наводи.

Циклични појави што се повторуваат

Сите овие случувања јасно говорат дека и на Балканот атентатите се присутни, но клучното прашање што сега се поставува е дали атентатот врз Трамп може повторно да ги повампири ваквите трендови за да се предизвика дестабилизација во уште еден регион на Европа, покрај војната во Украина и на Блискиот Исток.

Познавачите на меѓународните политички состојби оценуваат дека атентатот врз Трамп може да се одрази и врз состојбите во регионот, имајќи предвид дека се работи за појави што се случуваат циклично и дека регионот не е имун на тие процеси, па од тие причини безбедносните служби мора да бидат подготвени и сериозно да ги сфаќаат сите дојави за да не се случи безбедносен пропуст.
– Циклично во историјата се повторуваат такви периоди кога тајни заговори, атентати, шпекулации испливуваат на површина, тоа е како некое правило, циклично да се случуваат. Ситуацијата е флуидна со таа војна во Украина, на Блискиот Исток, така што во заднината на сето тоа се кријат и вакви опасности, како што е случајот со атентатот врз Трамп, оној врз словачкиот премиер и некои други инцидентни појави. Светот е исправен пред опасност од голем судир, од трета светска војна, атомска војна итн. И затоа ова што се случи во САД не ме изненадува – вели Драган Јањатов, дипломат во пензија.

Според него, ниту Балканот не е надвор од овие светски превирања и настанот од Пенсилванија за многу кратко време може да се преслика каде било во околината.
– Во фокусот е Балканот и тука се случуваат такви работи бидејќи ниту досега не сме биле имуни на таквите појави. Лично сметам дека има можности да се случат некакви провокации од тој тип – потенцира Јањатов.

Водејќи се од долгогодишното дипломатско искуство, тој прави една поширока анализа зошто гледа можност атентатот врз Трамп на извесен начин безбедносно да се рефлектира и на Балканот.
– Тоа е дериват на општата политика, на општата клима, се менуваат партии на власт, де лева, де десна, не можеш да предвидиш каде што ќе се појави, така што во флуидно време и не е чудно да се појават такви работи. Како по некое правило, има одредено затишје, кое може да потрае неколку децении, па повторно избувнува.

Апсолутно сум убеден дека сето ова што се случува е продукт на општата политичка и воено безбедносна клима во Европа и во светот. Врие на Блискиот Исток, Азија е крената на нозе, Кина, Русија, двете Кореи, Виетнам, се случи промена во Англија, во Франција, сѐ е во една флуидна ситуација кога може сѐ да произлезе од тоа, затоа треба внимание. Загрижувачки, но, за жал, има многу сличности со периодот пред Втората светска војна. Сето тоа се циклични појави, историјата се повторува, само треба да се учи од неа – посочува Јањатов.

Затоа предупредува и до домашните безбедносни фактори да обрнат малку поголемо внимание на сите потенцијални закани.
– Мислам дека нашите фактори многу комотно се однесуваат кон она што се случи во САД, но генерално и кон она што се случува во нашата околина и во Европа. Мора да се обрне далеку повеќе внимание на сите овие состојби, да се следат, да се констатираат потенцијалните ризик-фактори и во секој момент да има на располагање неколку решенија за да не се дозволи дестабилизација на земјата – објаснува Јањатов.


Да се внимава на политичките наративи во јавната комуникација – дејствуваат мотивирачки на политичкото насилство!

Клевети, навреди, говор на омраза… поттикнуваат на криминал

Безбедносно-политичките аналитичари со кои се консултиравме сметаат дека атентатот врз Трамп е јасен сигнал до сите политичари дека се потребни одговорен пристап и дејствување во насока на смирување на општата реторика наместо реторика што води кон општа поларизација на општеството.
– В четврток се одржува состанок на лидерите од Европската политичка заедница во Лондон, каде што се очекува да бидат присутни над 40 европски лидери, како и претставници на НАТО. Атентатот врз Трамп мора да биде лекција за сите, дека наместо создавање поделби, треба да се работи на кохезија преку заеднички цели, кои ќе водат кон намалување на поделбите и тензиите. Вакви поделби има во Германија, во Франција, во Шпанија, во Холандија, во Италија, засега се држат под контрола, но не се знае до кога. Во следниот момент може да се појави некој Крукс или како што беше случајот со атентатот со Фицо во Словачка и работите да излезат од контрола. Особено е чувствителна ситуацијата тука кај нас на Балканот. Имавме атентати во исклучително чувствителни периоди и сето тоа можеше лесно да го втурне Балканот во конфликт. И сега не е ништо поразлично, така што мора да се зголеми соработката меѓу безбедносните служби во регионот за навреме да се осуети секаков план за нечија ликвидација. Мора да се работи и на наративите меѓу политичарите, да не разгоруваат омраза кон некого и така да го легитимираат како потенцијална цел.

Некој и намерно самиот се става во улога на потенцијална жртва само за да го амортизира притисокот од домашната јавност што не е задоволна од неговите политики, но во исто време, сакајќи така политички да профитира, самиот се легитимира како потенцијална цел. Тука и медиумите можат да ја одиграат својата улога така што нема да се ставаат во ничија политичка служба и да оцрнуваат некого, туку исклучиво ќе се водат од новинарските начела на професионалност и непристрасност. На тој начин во општеството ќе се креира една нормална неподбуцнувачка атмосфера во која многу е тешко некој да се осмели да дејствува на начин како што дејствуваше Крукс или седумдесетгодишникот во Словачка. Највисок демократски чин се изборите, така што ако некој политичар некому не му се допаѓа, најдобар начин да го отстрани од политичката сцена е да гласа против него на избори – заклучуваат соговорниците. С.Т.