Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека на Блискиот Исток постојат „можности за мир“, но повтори дека Израел не прифаќа формирање независна палестинска држава.
– Иранската оска е значително погодена – рече Нетанјаху по разговорите со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Ерусалим, осврнувајќи се на судирите што го потресоа регионот во изминатите две години.
– Веруваме дека постои пат за поширок мир со арапските држави и пат за воспоставување одржлив мир со нашите палестински соседи – продолжи тој.
– Но нема да создадеме држава која би била посветена на нашето уништување пред нашите врати – додаде израелскиот премиер.
Мерц изјави дека Германија работи „кон целта на нов Блиски Исток“ во кој државата Израел ќе биде призната. Тој нагласи дека формирањето палестинска држава, која би постоела паралелно со Израел, е „најверојатниот пат“ кон таква иднина.
Сепак, Мерц рече дека решение со две држави може да се постигне само преку преговори и дека ќе биде „конечен резултат“ од тие разговори. Преговори, додаде тој, се потребни веднаш.
Дводржавното решение подразбира истовремено постоење на Израел и независна палестинска држава.
Нетанјаху изјави дека првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа е „речиси завршена“, со тоа што телото на само еден заложник се уште се наоѓа во Газа.
Тој истакна дека разоружувањето на милитантниот Хамас е предуслов за мировен договор. Според Нетанјаху, втората фаза од планот за прекин на огнот ќе биде потешка за спроведување од првата.
Израелскиот премиер предупреди и на опасно обновување на антисемитизмот низ светот. И покрај злосторствата на Хамас врз цивили на 7 октомври 2023 година, неговите знамиња се развејуваат на демонстрации низ светските метрополи – рече тој.
– Toa е скандалозно – додаде Нетанјаху.
По средбата со Нетанјаху, Мерц рече дека „во моментов не се разгледува можност израелскиот премиер“ да биде поканет во Германија.
– Нема причина ова да се разгледува во моментов. Ако дозволи времето, би упатил таква покана, но ова сега не е тема ниту за мене ниту за него – изјави Мерц.
Против Нетанјаху е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд (МКС) во ноември 2024 година поради сомнение за воени злосторства во Појасот Газа – обвиненија кои тој категорично ги отфрла. Израел не го признава судот и бара укинување на потерницата.
Нетанјаху изјави дека „секако би бил задоволен“ повторно да ја посети Германија и да одржи разговори со канцеларот во Берлин, но додаде дека во моментов не може да го стори тоа поради потерницата од МКС, остро критикувајќи ја.

































