УНИПОЛАРНИОТ СВЕТ ВО АГОНИЈА, ДОАЃА ЕРАТА НА МУЛТИПОЛАРНОСТА (3)
Мултиполарниот свет е факт и реалност, потврдена и од генералниот секретар на ОН, Гутереш. Униполарниот свет на американска доминација, како и глобализмот, е на смртна постела, но глобалистите се подготвени да возвратат на ударот, тие се собираат во Стокхолм на годишен состанок со главна тема – да се војува со Русија. Опасно мириса на барут во Европа. Дали билдерберзите, претставени и од Марк Руте, генералниот секретар на НАТО (да не заборавиме дека десна рака му е нашата Радмила Шекеринска), подготвуваат некаква улога и за Македонија? Антените мораат да бидат вклучени
Живееме во мултиполарен свет, констатираше лани на Генералното собрание на ОН генералниот секретар на светската организација, Антонио Гутереш. Освен оваа негова потврда на моменталната состојба на нашата планета, тој искажа уште една важна реченица што ни дава простор за анализа како ќе изгледа мултиполарниот свет – во овој нов свет ООН уште е синоним на стариот свет. Тоа значи и на старите односи, кои веќе не постојат. Равенката ќе биде решена само ако ОН сериозно се реформираат!
Дали сакаме уште некоја потврда дека униполарноста, а тоа значеше доминација на Америка, е завршена работа? Годинава на Минхенската безбедносна конференција тоа беше не само констатирано туку се објавија серија анализи како континентите, под влијание на идните сфери на интерес и сојузништва, би се однесувале и кон кои сили ќе се наклонат. За Европа самиот наслов на анализата доволно кажува „Совршена бура“. Притоа беше подвлечено дека доколку САД се оддалечат од ЕУ, таа ќе стане и безбедносно и економски мошне ранлива. Каде можеме да ја видиме европската бура? Едно прашање е доминантно – како ќе се снајдат либералите во постлибералниот свет и тука веќе можеме да видиме бура.
БИЛДЕРБЕРГ НЕШТО ПОДГОТВУВА?
Либералната елита во Европа буквално кажано сега прета, сака да покаже и да докаже дека е жива, витална и дека има решенија и идеи. За што? Според она што сега го прави е далеку од тоа дека дава некакво конструктивно решение.
Далеку од дневната светлина, а повеќе во скривниците на мракот се подготвува состанокот на групата „Билдерберг“, оваа година закажан од 12 до 15 јуни во хотелот „Гранд“ во Стокхолм, Шведска. Тоа е последната глобалистичка перјаница способна да повлече потези што би можеле да ги забават процесите во создавањето на новата светска архитектура. Ништо повеќе. Според познавачот на состојбите меѓу билдерберзите, новинарот од Островот, Тони Гослинг, тие годинава навистина се во мрак или, како што вели тој, „работат во токсичен балон“. Дневниот ред уште не е откриен, а останаа часови до состанокот. Но Гослинг вели дека има две главни теми – Украина и Русија. Главното прашање не е како да се постигне мир, туку како да се продолжи да се војува против Русија. Па така, ќе се кројат планови како и колку оружје да им се даде на Украинците, да се градат нови фабрики за оружје, да се користат замрзнати руски средства. Од Стокхолм, кој некогаш беше престолнина на неутрална Шведска, треба да се испрати застрашувачка порака дека Европа е подготвена да војува. Либералите испраќаат милитантни пораки.
ЕЛИТАТА НА СОБИР, АНТЕНИТЕ ВКЛУЧЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА
Ќе наведеме само неколку билдерберзи што се очекуваат да бидат во Стокхолм: Ерик Шмит, американски милијардер од „Алфа“ (Гугл), Жозе Мануел Баросо, поранешен шеф на ЕК, Јенс Столтенберг, ексшеф на НАТО, Гидеон Рахман, британски новинар со длабоки и добри врски со МИ6, Радослав Сикорски, Омер Коч и Ахмет Бурла од „Фајзер“ и, секако, Марк Руте, актуелниот шеф на НАТО. Според Тони Гослинг, во Стокхолм се очекува да парадира Илон Маск, кој влезе во вербален конфликт со Трамп и токму поради тоа се очекува таму да биде пречекан со аплаузи и овации. Инсајдери велат – „кавгата била наменска“.
За нас особено е интересно учеството на Руте, затоа што пред сѐ и над сѐ десна рака му е нашата Радмила Шекеринска. Во моментов немаме информации колку е таа вклучена во работата на „Билдерберг“, но можно е за неа да се отворат извесни канали на комуникација, па и давање соодветни оперативни задачи. Сепак, таа е во врвот. Ако НАТО е претставено на највисоко ниво во Стокхолм, каде што ќе се зборува за војување, за финансирање на украинската одбрана, за градење фабрики за оружје, тогаш антените во Македонија мораат да бидат вклучени, сите радари да бидат активни за да се фатат и најмалите шумови, кои можат да ни откријат – што планираат глобалистите и за нас.
Конечната линија на раздвојување на идеолошкиот конфликт меѓу либералите заедно со глобалистите против суверенистите може да биде токму оваа – Европа да влезе во војна. И да го доживееме европскиот апсурд – десничарите да бидат против војна, а левичарите европските соколи.
Еден ноторен факт – Германија веќе е влезена во воена состојба, таа се подготвува и по хоризонтала и по вертикала, наредено е да се обновуваат и да се прошируваат засолништата, целата инфраструктура да се приспособи на одбранбените потреби. Во Европа страшно мириса на барут.
Едно истражување на јавното мислење во Русија покажа дека Русите веќе не ги гледаат Американците како најнепријателска држава, што е за првпат по 13 години, туку дека тоа се Германците. Дури 56 проценти од испитаниците одговориле дека тоа се Германците, а на второ место се Британците – 46 проценти, а дури на трето место се Украинците со 43 проценти.
А кога зборуваме за македонските антени, тука треба да се анализира и состојбата во Америка, поточно на почетокот на еден процес, кој може, но и не мора да биде поттикнат од либералните расни коњи што сега клоцаат, а тоа е „бунтот на мигрантите и бандитите“ во Лос Анџелес, како што го нарече тоа претседателот Доналд Трамп. Таму се испратени елитни воени сили да ја решат состојбата откако локалните власти затаиле. Ќе се протеруваат криминалци и илегални мигранти. Колку ги има? Каде ќе бидат транспортирани и кога? Дали е точно дека во американските планови е ставен и Балканот, а со тоа и Македонија, како полигон каде што тие би се трансферирале? Сериозно прашање, зашто нешто слично се случува и во Европа, поточно во Холандија каде што локалните жители на граница самите проверуваат дали им влегуваат мигранти. Така почна и во Америка, со стражите на таканаречените „минит мен“.
НОВ СВЕТ
Се чини, а за тоа рековме дека има и јасни изјави, дека визија на глобалистот Клаус Шваб за нов светски поредок е на смртна постела. Дали сепак ќе преживее? Шансите навистина се мали, оти светот веќе го тресат нови сили. Европоцентризмот е на залез и тоа нам Европејците треба да ни биде јасно. Нешто што од Давос беше продавано во светот како врвен хуманизам одамна е прочитано како процес за создавање свет во служба на елитите. Во куси црти тој клаусшвабовски свет требаше да биде: голем ресет, четврта индустриска револуција (економска катастрофа), една светска влада, технократска корпоратократија, тотална зависност од државата, социјален кредитен систем, централна банкарска дигитална валута, депопулација, задолжителни вакцини и регулација на репродукцијата, радикални закони за асистирано самоубиство и абортус, ГМО-храна и почва, забрана на сите природни лекови и третмани… Нов свет на контролирани и мирни граѓани.
Општ заклучок е дека светот го избегна тој пат кон амбисот и сега се движи во новата реалност во која поголемиот дел од земјите, особено тие во развој, се надеваат на подобар свет, похуман. Мултиполарната конструкција се гради и сега не се знае каква конечна форма ќе добие. Постојат различни концепции што би значела и што би претставувала новата мултиполарна реалност. За Американците тоа е споделена доминација со другите, но и колонизирање територии, буквално купување (Гренлнад, Панамскиот Канал, Газа) додека за Кина тоа е фер свет во интерес на мирот. Дали новиот светски поредок ќе го води новата трка во вооружување? Дали големите сили, како САД, Кина, Русија, Индија, ќе имаат заеднички одговор на кризите и глобалните закани или секоја ќе дејствува во својот двор на интереси? Да, има многу прашања, како и тоа дали ООН конечно ќе се реформираат и како? Африка силно чука на вратата!
Мултиполарниот свет ќе треба да најде формула и како да се регулираат мултинационалните корпорации или ќе се дозволи тие да бидат помоќни и од суверенитетот на државите, макар биле и мали како Македонија. Дали кибернетскиот простор ќе остане под контрола на Американците или секој ќе си формира свој простор, како Кина, Русија или Индија на пример? Како ќе се управува со вештачката интелигенција, што со Арктикот, со Конвенцијата на отворените мориња, која е толку еластична што им одговара на силните?
Да, многу нешта не се знаат, како и тоа дали Македонија точно знае кое е нејзиното место во овој глобален вортекс. Дали ќе знае да кове пријателства со блиски, но и со далечни народи?
Силјановска-Давкова: Иднината на човештвото е неразделна од ООН
Лани во септември претседателката Гордана Силјановска-Давкова се обрати во ООН на „Самитот на иднината“. Меѓу другото таа рече: „Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН, зајакнат мултилатерализам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и Генералното Собрание, поголема инклузивност и транспарентност на процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со енормните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права.
Искрено, сметам дека не се доволни декоративни реформи на ООН, односно лет во место, туку суштински: структурни, функционални, меритократски, демократски.
Улогата на Генералното собрание треба да зајакне, како претставничко тело на Обединетите нации. Меѓународниот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите.
Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста, иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена, денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите.
Се разбира, Повелбата на ООН останува темелен акт, устав на нациите, но и општествен меѓунационален договор. Исто така, треба да се стави крај на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на Повелбата, како во македонскиот случај.
Иднината на светот и човештвото е неразделна од ООН“.
Х.И.