Фото: ЕПА

Непогодите од масивните пожари и климатската криза се меѓусебно поврзани

Летово повторно беснеат шумски пожари низ светот. Но извештај објавен неделава се осврнува на претходната сезона на пожари, посочувајќи на ефектите од екстремните непогоди забележани во Канада, Бразил и во Грција минатото лето, кои создадоа значителни емисии на јаглерод диоксид, а со тоа придонесоа за глобалното затоплување, пренесуваат светските медиуми. Исто така, се нагласува дека големите шумски пожари се поверојатни поради климатските нарушувања.

Примери за огромни емисии на стакленички гасови

Шумските пожари во Канада минатата година произведоа речиси исто толку емисии на стакленички гасови во една сезона, колку што вообичаено би се очекувале од пожари во текот на цела деценија, покажуваат податоците. Пожарите, во, како што наведуваат медиумите, „најдивата сезона досега во Канада“, биле најмалку трипати поверојатни поради климатската криза и произвеле околу две милијарди тони јаглерод диоксид, што е околу една четвртина од вкупните глобални емисии од шумските пожари минатата година, според податоците во Извештајот за состојбата на шумските пожари. Јаглеродниот диоксид од шумските пожари е растечки извор на емисии на стакленички гасови на глобално ниво, достигнувајќи околу 8,6 милијарди тони минатата година, значително повеќе од 4,8-те милијарди годишни емисии на САД од сите извори. Бразилската сојузна држава Амазон, исто така, имаше рекорден број пожари поради силната суша, додека во пожарите во американските сојузни држави Хаваи и Тексас загинаа повеќе од 100 луѓе. А најголемиот досега забележан поединечен пожар во ЕУ изгоре 900 квадратни километри од Грција.

Како до радикално намалување на емисиите на стакленички гасови

Метју Џонс, научен соработник во Центарот за истражување на климатските промени на Универзитетот во Источна Англија и главен автор на извештајот, предупреди дека штетите од засилените шумски пожари ќе продолжат да се зголемуваат доколку светот не успее да ги намали емисиите на стакленички гасови. Се забележува дека шумските пожари не само што убиваат луѓе, диви животни и добиток, уништуваат вегетација и други предели туку можат да предизвикаат широко распространето и опасно загадување на воздухот. Тие во сѐ поголема мера придонесуваат и за климатската криза, преку емисиите на стакленички гасови.
Здравствените влијанија од минатогодишните пожари, исто така, ќе продолжат да се чувствуваат со децении, се заклучува во извештајот. Намалувањето на емисиите на стакленички гасови мора да биде најголемиот приоритет за да се спречат шумските пожари во иднина, велат авторите на студијата, но подоброто управување со земјиштето и со системите за рано предупредување, исто така би можелo да биде од корист. Р.С.


Забележани температури над 40 степени

Балканот во еднонеделен „ер фраер“

Националните метеоролошки служби регистрираа температури над 40 степени во Романија, Србија и во Босна и Херцеговина.

Србија

Температурите низ Југоисточна и Источна Европа се зголемуваат, а Националната метеоролошка служба на Србија (РХМЗ) предвидува еднонеделен топлотен бран со температури до 41 Целзиусов степен. Оттаму предупредуваат дека времето ќе се движи од опасно до многу опасно. Според РХМЗ, топлотен бран најсилно ќе ги зафати јужните делови на земјата.

Романија

Во Романија, пак, топлотниот бран се врати и особено ги погоди југот и западот на земјата. Портокаловите и жолтите предупредувања се во сила деновиве, но метеоролозите велат дека земјата ќе се чувствува како да е во „рерна“ во текот на целата недела. Луѓето што живеат во јужниот и западниот дел на Романија особено се борат да се справат со горештините. Сушата исто така ги уништува полињата со пченка и сончоглед во Романија.
Температурите од 43 Целзиусови степени се почувствувани во делови од крајниот југ на земјата, а ноќите беа малку посвежи. Романија веќе претрпе неколку екстремни температурни бранови летово, а само во Букурешт имало зголемување од 20 отсто на бројот на повици до итните служби, од страна на луѓе што се пожалиле на проблеми поради жештините.

Фото: ЕПА

Босна и Херцеговина

Силниот топлотен бран и сушата ја уништуваат и жетвата на пченка во БиХ. Земјоделците во житниот центар околу Бјелина проценуваат дека годинава околу половина од нивните посеви се оштетени. Земјата е погодена од три топлотни бранови летово и земјоделците можат само беспомошно да гледаат како нивните посеви од пченка венеат на полињата.
Во текот на летово во БиХ речиси и да немаше дожд, а дневните температури се движеа помеѓу 35 и 40 степени Целзиусови неколку дена во јуни, јули и месецов.
Некои фарми имаат инсталирани цевки за наводнување на посевите, но и тоа не може да го спречи сушењето на тлото на оваа жештина, велат земјоделците од БиХ.

Косово

Косово ќе го издвоиме како специфичен пример бидејќи бележи зголемување од 400 отсто на увозот на клима-уреди во изминатите пет години. Ова го покажуваат податоците на косовските царински статистики.
Тоа е добра вест за дистрибутерите на клима-уреди. Но истовремено предизвикува загриженост за влијанието на растечката потрошувачка врз кревката електрична мрежа.

Прекини на снабдувањето со електрична енергија поради разладните уреди

Во јуни порастот на потрошувачката за време на топлотниот бран веројатно придонесе да предизвика голем прекин на електричната енергија низ Црна Гора, БиХ, Албанија и поголемиот дел од хрватското крајбрежје.
– Стресот што веќе го претрпеа електричните мрежи поради продолжениот топлотен бран во регионот придонесе за настанување на оваа штета – изјави тогаш шефот на грчкиот преносен оператор АПТО, Манос Манусакис.
Долгорочно, земјите ќе треба да ги зајакнат своите мрежи и да го зголемат домашното производство на обновливи извори, велат експертите. БиХ, Македонија, Црна Гора, Косово и Србија се потпираат на јаглен за производство на електрична енергија. Албанија користи хидроенергија, но се потпира на увоз кога врнежите се намалуваат во лето. Р.С.