Фото: Пекселс

Аеродромот во Алборг, град на север од Данска, синоќа беше затворен за сообраќај, а причината е навлегување на дронови во неговиот воздушен простор.

На  тој начин продолжија инцидентите со ваква содржина откако во понеделникот од истата причина четири часа беше затворен и аеродромот во Копенхаген, додека истиот ден сообраќајот на аеродромот во Осло беше затворен три часа.

Оттогаш, данските и норвешките власти се во близок контакт, но нивната истрага сè уште не потврдила поврзаност меѓу двата случаи.

Портпаролот на аеродромот во Алборг одби да коментира за бројот на регистрирани дронови, но тамошната полиција потврди дека е забележан поголем број.

– Активностите на дроновите го нарушуваат нормалното работење на аеродромот во Алборг. Затоа воздушниот сообраќај е затворен и сите летови, од сега па натаму, се откажани – рече првиот човек на локалната полиција Јеспер Бојгард, додавајќи дека ситуацијата од нивна страна продолжува да се следи и контролира.

Полицијата, исто така, посочи дека останува прашање дали дроновите видени над Алборг имаат врска со оние од пред два дена во Копенхаген.