Монсунските дождови и надојдените води на реките од Индија предизвикаа големи поплави во североисточниот дел на Бангладеш, погодувајќи повеќе од два милиони луѓе, а ситуацијата може да продолжи да се влошува, јавија светските агенции, цитирајќи официјални претставници.
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) објави дека на заробените во водата, меѓу кои и повеќе од 772.000 деца, им е потребна итна помош.
– Децата се најранливи бидејќи се изложени на зголемен ризик од давење, неухранетост, смртоносни болести кои се пренесуваат преку вода, трауми од раселување и потенцијална злоупотреба во преполните засолништа – рече Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ во Бангладеш.
Метеоролошката служба на Бангладеш прогнозира нови обилни дождови во следните неколку дена, кои би можеле да ја влошат ситуацијата со поплавите и да предизвикаат лизгање на земјиштето во ридските области.