Американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Републиканската партија дека сака да ја намали финансиската помош за Украина, доколку победи на среднорочните избори за Конгресот наредниот месец.
Тој говореше на предизборен митинг во Пенсилванија, клучна за изборите на 8 ноември.
Како што тврди Бајден, републиканците велат оти ако победат, веројатно нема да продолжат да ја финансираат Украина.
– Тие луѓе не разбираат како стојат работите. Прашањето не е само за Украина. Станува збор за Источна Европа. За НАТО – подвлече Бајден.
Тој изјави дека републиканците „воопшто не ја разбираат американската надворешна политика“.
Во вторникот, лидерот на републиканското малцинство во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти предупреди дека неговата партија нема да потпише „бланко чек“ за Украина, доколку ги добие среднорочните избори.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари, администрацијата на претседателот на САД достави до Киев воена помош во вредност од 17,6 милијарди долари.