Владата на Полска објави водич за граѓаните што содржи упатства како да се подготват за кризна ситуација, како што е војната.
Водичот наведува што да се прави во случај на напад со различни видови оружје, од конвенционално преку хемиско до нуклеарно. Опишани се и системите за јавно предупредување што се користат во такви случаи.
Граѓаните се советуваат да се снабдат со вода, храна, лекови и батериски светилки во случај на прекин на електрична енергија.
Полската Влада наведува дека мора да ги подготви граѓаните за различни сценарија, но негира дека водичот е поврзан со војната во Украина. Претходните слични водичи вклучуваа ситуации како што се поплави и студено зимско време.
Иако Русија ги фокусираше повеќето напади на северот, југот и истокот на Украина, руските сили извршија неколку напади врз градот Лавов, кој се наоѓа на само 60 километри од полската граница.
Засега нема конкретни информации дека Русија планира да ја нападне Полска, исто како што ниту Полска очекува напад, но се стравува дека Москва би можела да ги нападне и соседните земји.