Полска неодамна во Варшава ја одржа најголемата воена парада од времето на Студената војна, при што членката на НАТО ја покажа својата воена моќ во она што „владата се надева дека ќе биде порака и до Москва и до гласачите пред изборите во октомври“.
Руско-украинскиот конфликт направи да има акцент на зајакнувањето на вооружените сили од страна на полската влада. Наедно, со изборната кампања во полн ек, полската владејачка партија Право и правда (ПиС), со демонстрацијата на воена сила, е можно да ја зајакне довербата (во владата што оваа партија ја сочинува) кога станува збор за одбраната.
На парадата, која се одржа на 103-годишнината од победата на Полска над Советскиот Сојуз, присуствуваа 2.000 војници од Полска и други членки на НАТО, заедно со 92 авиона и 200 парчиња различно оружје и воена опрема.
– Петнаесетти август не е само можност да им се оддаде почит на хероите од битката за Варшава и да им се заблагодариме на сегашните војници што ја бранат нашата татковина,тоа е исто така совршена можност да покажеме сила, да покажеме моќни вооружени сили што без двоумење ќе ги бранат нашите граници – им порача министерот за одбрана Мариуш Блашчак на војниците и граѓаните собрани покрај Висла.
На парадата можеше да се видат тенкови „М1А1 абрамс“, купени од Соединетите Американски Држави, јужнокорејски тенкови „К2“ и самоодни хаубици „К9“, ракетни фрлачи ХИМАРС и системи за противвоздушна одбрана „патриот“.
Полска произведува пешадиски борбени возила „борсук“ и оклопни транспортери „росомак“, кои исто така учествуваа на парадата.
Партијата ПиС, кој е на власт од 2015 година, тврди дека парадата ќе покаже дека актуелната власт работи на модернизирање на армијата по долгогодишно недоволно инвестирање од претходната влада.
Партијата вети дека ќе ја удвои големината на армијата и ќе потроши околу четири отсто од бруто-домашниот производ за одбрана оваа година.
Од друга страна, опозициските пратеници во полскиот парламент тврдат дека владата ја користи армијата за своја политичка корист.
– Употребата на полската армија за предизборна кампања е срам за ПиС, не за политизацијата на армијата – изјави за јавноста Михал Шчерба, претставник на најголемата опозициска партија „Граѓанска платформа“ (ПО).
ПиС сè уште е најсилната партија според повеќето анкети, но нејзината предност е тесна и тешко дека ќе освои мнозинство.
На 15 октомври во Полска се одржуваат парламентарни избори, а во исто време во земјата ќе се одржат и неколку референдуми.