Фото: ЕПА

Близу половина од земјите во светот во последните години ги зголемиле воените буџети, но овие трошоци не создаваат стабилна основа за долгорочен економски раст, покажува најновиот извештај на Меѓународен монетарен фонд.

Според анализата, повисоките воени расходи можат краткорочно да ја поттикнат приватната потрошувачка и инвестициите, што резултира со умерен економски раст на среден рок. Овој ефект најчесто произлегува од зголемена акумулација на капитал и привремено подобрување на продуктивноста.

Сепак, ваквите придобивки се ограничени и временски краткотрајни. По иницијалниот раст, економиите се соочуваат со забавување, а на подолг рок се појавуваат сериозни предизвици како зголемени буџетски дефицити и инфлација, што негативно влијае врз економската стабилност.

Анализата опфаќа податоци од 164 земји од периодот по Втората светска војна, при што е утврдено дека најголем раст на воените трошоци има во земјите во развој. Во овие држави, позитивните ефекти од зголеменото трошење траат во просек околу две и пол години.

По тој период, во преден план доаѓаат ризици како „прегревање“ на економијата, што владите и централните банки потешко го контролираат.

Дополнително, во периодот од 2020 до 2024 година, речиси половина од државите ги зголемиле буџетите за одбрана, додека околу 40 проценти од нив издвојуваат повеќе од два отсто од бруто-домашниот производ за воени цели, во споредба со 27 проценти во 2018 година.