Исмаил Ханије/Фото: Принтскрин - Јутуб

Палестинската милитантна организација Хамас утринава соопшти дека нејзиниот лидер, Исмаил Ханија е убиен во „ционистички напад“ врз неговата резиденција во Техеран, јави ДПА.

Во изјава на Телеграм, Хамас ја оплакува смртта на Ханија „како резултат на предавничката ционистичка акција врз неговата резиденција во Техеран“.

Првично нема потврда за смртта на Ханија од израелската страна, додава ДПА.

Веста за убиството на Ханија се случи неколку часа по израелскиот воздушен напад врз предградие на Бејрут, насочен кон командантот на про-иранската милиција на Хезболах, Фуад Шук „Сајид Мухсан“.

Хезболах засега не ја потврдува неговата смрт.

Либански Хезболах е отворен сојузник и помагач на Хамас во Појасот Газа. И двете движења се сојузнички на израелскиот архи-непријател Иран, преенесува германската агенција.

Хамас соопшти дека Ханија е убиен откако присуствувал на церемонијата на инаугурација на новиот ирански претседател, Масуд Пезешијан, што беше во неделата во иранската престолнина.


Убиен главниот воен командант на Хезболах

Израелската војска доцна синоќа соопшти дека израелските воздухопловни сили во предградие на Бејрут го убиле главниот воен командант на Хезболах и шеф на неговата стратешка единица, Фуад Шукр, познат и како „Сајид Мухсан“.

Фуад му бил десна рака на генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, и негов советник за воени операции, се наведува во соопштението на ИДФ.

-Фуад Шукр ги насочуваше нападите на Хезболах врз Израел од 8 октомври – се додава во соопштението, во кое се вели дека тој е одговорен и за смртта на 12-те деца во неодамнешниот напад на Мајдал Шамс во Голанската висорамнина окупирана од Израел.

Вооружената група Хезболах негираше вмешаност во нападот.