Во Украина, по вчерашните напади на руските сили при што загинаа 41 човек, а 166 се повредени, денеска е прогласен ден на жалост, информираа украинските власти. Русија вчера изврши еден од најголемите ракетни напади во изминатите неколку месеци, при што беше погодена и главната детска болница во Киев. Две лица загинаа кога руски проектил срамни со земја дел од детската болница Охматдит, а потрагата по преживеани под урнатините продолжи денеска во раните утрински часови.
Русија негираше дека цел на нападот била детската болница и тврди дека таа била погодена од делови од украинска ракета за воздушна одбрана, додека Украина соопшти дека пронашла остатоци од руска крстосувачка ракета.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски нападот го оцени како „брутален“, а за рускиот претседател Владимир Путин го нарече „крвожеден криминалец“.
Според Зеленски Русија вчера истрелала повеќе од 40 проектили, оштетувајќи речиси 100 згради во Киев, Дњепар, Криви Рих, Славјанск и Краматорск.
Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе заседава, на барање на Велика Британија, Франција, Еквадор, Словенија и САД, поради нападот на руската армија врз Киев.
Зеленски претходно најави дека Украина ќе побара состанок на Советот за безбедност на ОН, додавајќи дека Киев очекува конкретни чекори од западните партнери за зајакнување на нејзината воздушна одбрана и заштита на енергетскиот сектор за време на самитот на НАТО оваа недела.