Преговорите се тешки. Сепак, веќе без никакви задолжителни ултиматуми. За жал, руската страна сè уште е крајно пристрасна во однос на деструктивните процеси што ги започна, објави денеска на Твитер советникот на украинскиот претседател и член на украинската делегација во преговоите со Русија Микаило Подољак.
Делегациите на Русија и Украина денеска во белорускиот пограничен град Гомел, одржаа прв круг од преговорите за прекин на конфликтот по што се вратија на консултации во своите главни градови.
Москва и Киев планираат „втор круг“ разговори за конфликтот, тоа го потврди за западните медиуми, член на украинската делегација.
Шефот на руската делегација во преговорите Владимир Медински изјави дека двете страни договориле разговорите да продолжат и втората рунда да биде одржана во следните денови на полско-белоруската граница.
– Најважно е дека се договоривме да пролжи преговарачкиот процес – изјави Медински по завршувањето на првата рунда преговори, што траеше пет часа.
Украинската делегација ја предводи министерот за одбрана на Украина Алексеј Резников, и во неа заедно со Подољак, се и лидерот на партијата Слугата на народот Давид Арахамија, министерот за одбрана на Украина Алексеј Резников, шефот на украинската трилатерална контакт група Андреј Костин, пратеникот Рустем Умеров и заменик министерот за надворешни работи Николај Точицки.
Руската делегација ја предводи советникот на шефот на државата Владимир Медински, а во неа се и заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко, заменик министерот за одбрана Александар Фомин и претседателот на Комисијата за меѓународни прашања на руската Дума Леонид Слуцки.