Советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак денеска ги повика европските земји да го „затворат небото“ над Украина.
Ваквото барање од Украина доаѓа еден ден откако ракета падна во Полска, во близина на границата со Украина, а инцидентот загинаа две лица.
Подољак на Твитер напиша и дека „само Русија е одговорна за војната во Украина и масовните ракетни напади“ и дека „само Русија стои зад брзо растечките ризици за пограничните земји“.
– Нема потреба да барате изговори и да ги одложувате клучните одлуки. Време е Европа да го затвори небото и за сопствената безбедност – напиша тој.
Од февруари, кога Русија ја почна својата инвазија врз Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски го повикува НАТО да воведе зона на забранети летови над Украина. Западните лидери ја отфрлија идејата поради загриженост дека тоа ќе предизвика поширока војна во Европа.