Подморница на американската морнарица вплови во заливот Гвантанамо, еден ден откако флота на руски воени бродови пристигна во Куба, каде треба да учествува на воени вежби на Карибите, објави „АП“.
Јужната команда на САД соопшти дека подморницата на нуклеарен погон „USS Helena“ заплови во водите во близина на американската база во Куба, само еден ден откако руска фрегата, подморница на нуклеарен погон, танкер и спасувачки брод влегоа во заливот Хавана по вежбите во Атлантскиот океан – објави „ФоНет“.
Пристигнувањето на американската подморница е дел од „рутинската посета на пристаништето“ додека плови низ регионот што го покрива Јужната команда – се вели во соопштението.
Други американски бродови, исто така, ги следат руските вежби за кои претставници на Пентагон велат дека не претставуваат закана за Соединетите држави.
– Тоа не е изненадување бидејќи претходно сме виделе вакви посети на пристаништа. Се разбира, ние ги сфаќаме сериозно, но овие вежби не претставуваат закана за САД – изјави портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, пренесе „Гласот на Америка“.
Вежбите доаѓаат помалку од две недели откако американскиот претседател Џо Бајден ја овласти Украина да користи американско оружје за да ја нападне руската територија за да го заштити Харков.
Потоа, рускиот претседател Владимир Путин предложи неговата војска да одговори со „асиметрични чекори“ на друго место во светот.
Синг нагласи дека нема да биде изненадена од дополнителни руски активности околу САД, во рамките на слични глобални вежби.
Вежбите се во меѓународни води, а американските власти очекуваат руските бродови да останат во регионот во текот на летото и евентуално да одат и во Венецуела.