Од Лапонија на крајниот север на Финска до источната полска покраина Лублин, Европа се подготвува да подигне нова експлозивна „железна“ завеса, пишува „Телеграф“. Секоја членка на НАТО по таа линија одлучи дека „одвраќањето на Москва бара мерка што некогаш би била незамислива“. Државите од Северна Европа се подготвени да постават минско поле по должината на боровите и брезовите шуми, по целокупната должина на нивните граници, со милиони мини – оружје што до неодамна беше толку неприфатливо што поголемиот дел од светот се обиде трајно да го забрани
Државите од Северна Европа подготвуваат поставување мински полиња на границата со Русија
Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска објавија дека се повлекуваат од Конвенцијата од Отава од 1997 година со која се забранува поставување противпешадиски мини. Естонија, Летонија и Литванија официјално ги информираа Обединетите нации (ОН) за ова, со што добија право да го произведуваат, да го складираат и да го дистрибуираат ова оружје (минско-експлозивни средства) од крајот на годината. Овие пет земји заедно имаат 3.450 километри од границите (на НАТО) со Русија и Белорусија.
Воените стратези веќе работат на тоа „кои европски шуми и мочуришта ќе бидат покриени со противпешадиски и противоклопни мини“.
Враќање на минските полиња на голема врата
Враќањето на минските полиња и поставувањето минско-експлозивни средства на огромни површини од европското тло е тивка потврда за неуспехот на меѓународната кампања за забрана на ова оружје, која јавно ја прослави покојната принцеза Дајана за време на нејзината посета на Ангола во јануари 1997 година. Потоа поранешниот британски премиер Тони Блер ја започна кампањата со што ги забрани производството и извозот на нагазни мини во четвртата недела од почетокот на неговиот мандат. Потоа Велика Британија инсистираше забраната да се прошири на целиот свет преку Конвенцијата од Отава, која на крајот ја потпишаа 164 земји.
Еден од најтврдокорните застапници против мините беше Лорд Робертсон. Како министер за одбрана во 1998 година, тој ги осуди мините како оружје што не е ниту „морално прифатливо ниту воено корисно“, додавајќи: „Мора да го искористиме британскиот морален авторитет за да ја направиме нашата позиција меѓународен стандард“.
Сега, воената доктрина на Западот се промени. Велика Британија не се спротивстави јавно на одлуката на нејзините пет сојузници да ја напуштат Конвенцијата од Отава. Наместо тоа, Европа се вооружува и она што беше незамисливо (неморално, неетички, ниту прифатливо како концепт при водење војна) до неодамна, сега либералните европски елити го направија – реално.
Либералите – европски воени јастреби
Меѓу земјите што планираат да се снабдуваат со мини, позицијата на Литванија можеби е најтврдокорна. Најголемата од трите балтички држави небулозно тврди дека „мора да брани две непријателски граници со вкупна должина од 725 километри, со Белорусија на исток и со руската енклава Калининград на запад“. Помеѓу нив се наоѓа стратешки важниот Сувалки коридор, единствениот копнен пат преку кој НАТО може да испрати свои сили во балтичките држави. Европските „воени јастреби“ тврдат дека „најизложениот дел од Литванија е веројатно таканаречениот папагалски клун“ – парче територија што се протега кон Белорусија, каде што ниедно село не е оддалечено повеќе од неколку километри од непријателската граница од три страни. Оваа густо пошумена област, дом на многу диви животни, како елени, волци итн., според западните воени експерти, е многу чувствителна.
Токму тоа е границата на Литванија со Белорусија (која европските воени јастреби милуваат да ја нарекуваат – граница на НАТО и прва линија на одбрана на западниот свет?!).
Токму тоа е местото каде што веројатно би биле поставени новите широки и распространети мински полиња.
Литванската влада со барање до своите граѓани да им бидат дадени одврзани раце на своите вооружени сили да ги користат сите расположиви средства за „одбрана на населението и источното крило на НАТО“
Литванската влада не ја негира сериозноста на одлуката повторно да произведува мини, 22 години откако ја потпиша Конвенцијата од Отава, која некогаш беше поддржана од сите членки на ЕУ. Сепак, министерката за одбрана на Литванија, Довиле Шакалиене, ја квалификува таа одлука како – „задолжителна неопходност“. Шакалиене тврди дека наводно „Русија никогаш не ги ограничила сопствените можности заради Конвенцијата од Отава“ (за забрана за производство на мини). Имено, министерката за одбрана на Литванија, Довиле Шакалиене, тврди дека „европските земји ги уништуваа своите резерви, а Русија произведуваше повеќе мини од која било друга земја – до 2024 година собра повеќе од 26 милиони од нив“.
– Но Русија не е потписник на конвенцијата и таа користи и складира противпешадиски мини, ставајќи нè во стратешка неповолна положба. Во овој контекст, од клучно значење е нашите вооружени сили да имаат флексибилност и слобода да ги користат сите расположиви средства за да ги одбранат нашето население и источното крило на НАТО – вели таа.
Литванија веќе обезбеди 800 милиони евра за производство на противтенковски и противпешадиски мини
Литванија планира да издвои 5,5 проценти од БДП за одбрана, повеќе од двојно повеќе од сегашното британско ниво од 2,3 проценти, и веќе обезбеди 800 милиони евра за производство на противтенковски и противпешадиски мини.
Во еден таков контекст, заради јустификација на големите финансиски зафати за воената индустрија на сметка на другите сектори, министерката за одбрана на Литванија, Довиле Шакалиене, многу сака во јавноста да ја предимензионира, како што вели самата, „суровата реалност на руската закана“.
– Ако ги мапирате сите тековни хибридни напади – вклучувајќи ги сајбер-нападите, граничните провокации и тековните информативни операции – ќе видите невидено ниво на непријателско однесување од страна на Русија кон Литванија и регионот – тврди таа, сакајќи да ја направи воената опасност уште поголема.
Имено, Шакалиене верува дека „Русија би можела да нападне територија на НАТО за две до три години“.
– И НАТО и нашата воена разузнавачка служба веќе една година предупредуваат дека Русија би можела да биде подготвена да нападне територија на НАТО за три до пет години, приближно до 2028-2030 година.
И тој рок би можел да се скрати. Доколку преговорите за Украина завршат лошо и Русија го искористи примирјето за обнова на своите сили и зајакнување на својата воена индустрија, можеби со укинување на санкциите, тој временски рок би можел да се намали на две до три години – тврди литванската министерка за одбрана. Р.С.
Некои посвежи информации за противпешадиските мини во светот
Последиците од употребата на мини би можеле да бидат долготрајни. Во 2023 година, најмалку 2.000 луѓе загинаа од мини низ целиот свет – 84 проценти од нив беа цивили, а една четвртина беа деца. Мините продолжуваат да пустошат земји како Ангола, Камбоџа, Авганистан и Босна и Херцеговина.
Во оваа Европа, каде што секоја земја треба реално да ги преиспитува сопствените одбранбени механизми, своите политики за мир и добрососедство токму смртоносните мински полиња што наскоро би можеле да се постават по должината на источните граници на северноевропските држави е најсилниот знак дека токму со овој Брисел, нешто не е во ред… Р.С.