Украинскиот претседател Владимир Зеленски во денешното обраќањето по повод Денот на независноста вети дека неговата земја ќе се бори „до крај“ и нема да прави „никаква отстапка или компромиси“ во војната со Русија.
– Не ни е грижа каква војска имате, ние се грижиме само за нашата земја. Ќе се бориме за неа до крај – посочи Зеленски во видео-обраќањето.
Украина денеска одбележува 31 година од прогласувањето независност, а празникот што доаѓа шест месеци по почетокот на војната на 24 февруари, ќе се слави без организирани свечености и под закана од напади од копно, воздух и море, пренесува „Ројтерс“.
Јавните собири денеска се забранети во главниот град Киев по повод оваа годишнина, а во сила е полициски час на линијата на фронтот во Харков, град на истокот од земјата кој со месеци е под гранатирање, јавува британската агенција. Утрово одекнаа експлозии во Харков, североисточниот дел на Украина, како и во централните градови Запорожје и Днепар, соопштија локалните власти.
По повод Денот на независноста на Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговорал со Дмитро Кулеба, министерот за надворешни работи на Украина.
– Упатувајќи искрени честитки по повод националниот ден, министерот Османи изрази поддршка за борбата на украинскиот народ, која воедно претставува борба за нашите заеднички современи и демократски вредности, како и заштита на меѓународниот поредок – соопшти МНР.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека Македонија во овие тешки времиња за украинската и европската безбедност, изразува силна поддршка за Украина и солидарност со украинскиот народ во нивната борба за враќање на мирот и надминување на последиците од руската агресија.
– Украинците, бранејќи ја својата татковина, се борат не само за својата слобода, туку и за слободата на целокупниот демократски свет и споделените европски вредности – истакна Османи.
И во оваа прилика Османи, наведува МНР, ја реафирмираше нашата цврста и бескомпромисна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
-Притоа упатувајќи силна осуда за руската воена инвазија, што претставува грубо кршење на меѓународното право и обид да се поткопаат темелите на европската и глобалната сигурност и стабилност. Во тој контекст, нагласи дека Македонија, како членка на НАТО Алијансата има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија – информира Мнистерството за надворешни работи.
Леонид Кравчук, лидерот на Советската Република Украина, прогласи независност од Советскиот Сојуз во 1991 година, а на референдумот и претседателските избори Украинците ја поддржаа независноста и го избраа Кравчук за претседател.