Фото: ЕПА / Илустрација

Самитот на НАТО за Западен Балкан почнува денеска во Хаг, Холандија. Марк Руте, генералниот секретар на НАТО, на вчерашната прес-конференцијата рече дека НАТО е веќе присутен на Западен Балкан не само затоа што, како што рече, пет од осумте земји во регионот се веќе во алијансата, туку и преку мисиите на КФОР на Косово и ЕУФОР во Босна и Херцеговина, во кои, како што појасни, алијансата соработува со Европската унија.

– Кога станува збор за Западен Балкан, ве уверувам дека колективно сме многу фокусирани на тој дел од Европа – рече Руте.

Инаку, денешниот самит веќе се смета за историски бидејќи се очекува земјите-членки да постигнат договор за издвојување пет проценти за одбраната. Планирано е зајакнување на соработката со индустријата за зголемување на производството на оружје, муниција и опрема во следните неколку години. Руте рече дека планот е петкратно да се зголеми производството на капацитети за противвоздушна одбрана и да се набават илјадници нови тенкови и борбени возила за заштита на војниците и зголемување на мобилноста, како и милиони артилериски гранати. Тој нагласи дека безбедносната ситуација е фундаментално променета, но дека НАТО е посветен на одбрана на секоја педа од територијата на НАТО.

Руте рече дека ако Русија денеска ја нападне Алијансата, ќе претрпи катастрофален пораз, но дека ако Алијансата не ги зголеми одбранбените капацитети, Русија може да ја постигне својата цел за неколку години. Покрај Русија, НАТО како закани ги гледа и Кина, Северна Кореја и Иран, кои исто така ќе бидат дел од дискусиите, особено во светло на последниот американски напад врз нуклеарните постројки во таа земја.

Посебна тема ќе биде и Украина, а Руте рече дека алијансата сака да им даде шанса на напорите на САД за постигнување праведен мир во Украина, но и дека алијансата ќе ја потврди својата поддршка за Украина да се брани. Тој посочи дека Европа и Канада веќе значително ја зголемиле помошта за Украина и дека оваа бројка веќе достигнала вкупно 35 милијарди долари.

Освен со Западен Балкан, НАТО сака да ја зајакне соработката и со земјите од Индо-Пацификот, особено со Австралија, Јужна Кореја, Јапонија и Нов Зеланд.

На самитот ќе присуствуваат претседателите и шефовите на владите на сите членки на алијансата, а со големо исчекување се очекува доаѓањето на Доналд Трамп, претседателот на САД, како и на Володимир Зеленски, претседателот на Украина.