Во палатата „Долмабахче“ во Истанбул почнаа мировните преговори меѓу руската и украинската делегација. Михајло Подољак, член на украинската делегација, објави нова фотографија од преговорите во Истанбул.
На него учествуваат претставниците на руската и на украинската делегација – Владимир Медински и Давид Арахами.
-„Круг на шефови на делегации. Давид Арахами и Владимир Медински. За основните одредби од преговарачкиот процес. Делегациите работат паралелно на целиот спектар на спорни прашања – напиша тој во описот на фотографијата.
Пред почетокот на разговорите меѓу двете делегации, кои вчера пристигнаа во Истанбул, им се обрати турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
Тој рече дека и Зеленски и Путин биле драгоцени пријатели.
-Време е руско-украинските разговори да донесат резултати – рече Ердоган по пристигнувањето во палатата.
Тој рече дека напредокот во разговорите ќе го отвори патот за средба на лидерите – и дека Турција може исто така да биде домаќин на состанокот.
Да потсетиме дека првите преговори на делегациите се одржаа на 28 февруари во регионот Гомел во Белорусија. Потоа претставниците на Русија и Украина се сретнаа на 3 март во Беловежска Пушча, а на 7 март во регионот Брест.
Во средината на март беше одлучено состаноците да се одржуваат секој ден преку интернет.