фото: ЕПА

Во пожарите во Лос Анџелес изгореа илјадници згради, како и повеќе од 142 квадратни километри земја. Наредена е евакуација на околу 179.000 луѓе, јави Си-би-ес.

Силните ветрови во четвртокот ги разгореа пожарите во густо населените делови на Јужна Калифорнија, соопштија властите. Во моментов најмалку шест пожари беснеат во Лос Анџелес и соседната област Вентура, а ниту еден од нив не е локализиран, освен пожарот во Вудли.

Најмалку 20 лица се уапсени во округот Лос Анџелес за грабежи за време на шумските пожари, изјави членот на Одборот на надзорните органи на округот Лос Анџелес, Кетрин Баргер. Таа ги нарече разбојниците „опортунисти“.

-Нема да дозволиме ова да продолжи да се случува. Нема да стојам на страна и да дозволам трауматичното искуство да се влоши – рече таа на прес-конференција, пренесе Си-ен-ен.

Властите работат на воспоставување полициски час во областите околу пожарите во Палисејдс и Итон за да спречат грабежи, изјави шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна.

Тој изјави дека се разработуваат деталите, но се надева дека до вечерва би можел да биде воведен полициски час од 18 до 6 часот наутро.

-Тоа е неприфатливо однесување – рече Луна.