Политичките елити на ЕУ ќе мора порано или подоцна да престанат да ги етикетираат нетрадиционалните десничарски партии како екстремни или фашистички, бидејќи, во спротивно, голем број од своите граѓани ќе треба да ги нарекуваат фашисти. Но тие не можат да го сторат тоа, бидејќи тоа би значело признавање на неуспехот на нивните децениски политики. Тоа е дека наместо демократизација, доведоа до фашизам во општествата
Минатонеделните избори во Европската Унија за Европскиот парламент (ЕП) сѐ уште се предмет на длабока анализа. Какви и да бидат на крајот, веќе е јасно дека во нив има силно зајакнување на популистичките десничарски партии, а во некои клучни членки на ЕУ, како Франција и Германија, нивниот успех доведе до длабоки политички и социјални пресврти, а резултатите од тоа ќе се чувствуваат долго време.
Во Франција, актуелниот претседател Емануел Макрон, поради катастрофалниот резултат на неговата партија и историскиот успех на Националното движење на Марин Ле Пен, одлучи да го распушти националниот парламент и да распише предвремени избори, кои ставија многу на коцка – пред сѐ преку никогаш поголема можност екстремно десничарското Национално движење за првпат да формира своја влада.
Во Германија, пак, партиите од владејачката коалиција (СПД на канцеларот Олаф Шолц, зелените и ФПД) доживеаја вистински дебакл поради фактот што сите по ред беа победени од десничарската Алтернатива за Германија. Таа партија отстапи само на конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, кој политички повторно ја подели Германија речиси по должината на поранешните Западна и Источна Германија. Само мали оази градови или населби во едната и другата страна одеа кај партиите од сега владејачката коалиција, поради што сѐ почесто се бара оставка од канцеларот Олаф Шолц.
Непроменливата константа на европските политички елити: (традиционалистите да ги етикетираат како екстремна или радикална десница, па дури и фашисти?!)
Меѓутоа, во сето ова постои една константа во Брисел и клучните европски престолнини што тамошните елити очигледно не сакаат да ја променат: новите и старите десничарски партии, кои се надвор од т.н. десничарски мејнстрим или традиционалните конзервативци (христијански демократи, народни), трајно да се нарекуваат екстремна или радикална десница, па дури и фашисти. Иако несомнено има такви сили што флертуваат со фашизмот и нацизмот во Европа, горе-долу насекаде, тие се крајно радикално малцинство, додека ниту една од т.н. популистички партии што беа успешни на овие избори за ЕП не треба да се класифицираат во таа категорија. Сепак, тоа сè уште е упорно така – пред сè во медиумскиот мејнстрим-простор, чии ставови во голема мера се креирани од владејачката политика или од спонзори што на овој или оној начин се тесно поврзани со неа.
Но порано или подоцна, политичките елити ќе мора да престанат со ваквото етикетирање затоа што, во спротивно, големи делови од својот народ, односно граѓани ќе треба да ги нарекуваат фашисти, а сè уште не можат да го направат тоа. Не само затоа што тоа не е точно туку и затоа што на тој начин би го признале колапсот на нивните децениски политики откако се на власт (без разлика дали се работи за традиционалната левица или традиционалната десница, каде што таа сѐ помалку се разликува идеолошки од левицата, додека истовремено го врзува глобалистичкиот либерализам како форма на современо капиталистичко владеење).
На овој начин и владејачките елити би го признале својот неуспех, односно дека наместо демократизација и благосостојба на европското општество, доведоа до негово осиромашување и фашизам. Иако во последните неколку години тие всушност беа многу поблиску до второто, преку нивните методи на владеење и толкување на демократијата на начин што им одговара за да останат на власт (како што се игнорирање на резултатите од референдумот, забрана или етикетирање на политичките ривали за изразување различно мислење надвор од рамките на нивните и сл.).
Токму овој стил на владеење – кој е карактеристичен за Брисел во последна деценија, а оттаму многу брзо се канализира во сите престолнини на земјите членки – е полн со елементи што се повеќе слични на диктатура отколку вистинска демократија. И ова е една од најважните причини зошто во Европа дојде до зајакнување на т.н. популистички партии. На граѓаните едноставно им е прекуглава од ароганцијата на властодршците и бараат нови политички сили, кои ќе бидат подготвени вистински да ги застапуваат нивните политички, социјални, идеолошки и секакви други ставови.
Овој тренд е видлив насекаде, но пред сѐ во Западна Европа, чии граѓани знаат многу подобро од оние на истокот на Унијата и многу повеќе паметат како изгледа вистинската демократија (совршената, се разбира, не постои никаде во светот, но барем кон тоа мора вистински да се стремиме). Од гореспоменатите Германија и Франција, преку Холандија до Белгија.
Зоран Метер