Фото: ЕПА

Според првичните официјални резултати, либералното Движење „Слобода“ на премиерот Роберт Голоб освои најмногу гласови, но заедно со досегашните коалициски партнери не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство на изборите во Словенија.

Движењето „Слобода“ (ГС) на Голоб освои 28,54 отсто од гласовите и 29 пратенички места, откако беа пребројани речиси сите гласови, соопшти Државната изборна комисија.

Опозициската Словенечка демократска партија (СДС), предводена од десничарскиот поранешен премиер Јанез Јанша, освои 28,17 проценти и 28 мандати.

Резултатите ја ставаат Словенија пред сложен процес на формирање влада, бидејќи ниту левиот ниту десниот политички блок не успеаја да обезбедат 46 пратенички места, колку што се потребни за мнозинство во 90-члениот парламент. И покрај тоа, Голоб најави дека ќе се обиде да формира нова влада, истакнувајќи во обраќањето до поддржувачите во изборната ноќ дека неговата партија добила обновен мандат и дека следуваат тешки коалициски преговори.

Голоб е на власт во Љубљана од 2022 година, предводејќи коалиција составена од неговото движење ГС, Социјалдемократите (СД) и Левица. Социјалдемократите освоија 6,7 проценти од гласовите и шест мандати, додека Левица, која на овие избори настапи во коалиција со Зелената партија „Весна“, доби 5,6 проценти и пет пратенички места.

Јанша најави дека може да го оспори тесниот изборен резултат, наведувајќи дека ќе се пребројуваат сите гласови, пренесе агенцијата СТА.