Цената од 3.900 до 4.000 евра за унца е реална за претстојниот период. Клучни двигатели на растот се интензивните купувања од страна на централните банки, ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток и падот на довербата во американскиот долар
Цената на златото достигнува историски максимуми, централните банки продолжуваат да купуваат. Според најновите податоци од Светскиот совет за злато, глобалната побарувачка за злато во првиот квартал од 2025 година достигна 1.206 тони, што претставува зголемување од еден процент во споредба со истиот период од претходната година. Во тој период, цената на златото се зголеми за дури 38 проценти, а 2024 година се покажа како шеста најуспешна година во однос на растот на цената на златото во 21 век. Овој ненадеен скок на цените е резултат на значајни промени на глобално ниво, како во однесувањето на инвеститорите така и во стратегиите на централните банки.
Кога зборуваме за индивидуални инвеститори – кои најчесто купуваат златни прачки и монети – гледаме дека побарувачката за инвестициско злато се зголемила за дури 170 проценти во последната година. Најголем придонес за овој раст доаѓа од Европа и од Азија. Откако Европејците беа повеќе фокусирани на продажба на злато во текот на изминатата година поради политичките и економските неизвесности, особено поврзани со трговската војна со САД, сега сме сведоци на промена во инвестициското однесување.
Податоците покажуваат дека побарувачката за поголеми производи од злато е поголема отколку за помалите. Главната причина за ова се пониските маржи на поголемите производи – поради фиксните трошоци за производство, тие зафаќаат помал процент од вкупната цена на поголемите златни единици (повеќе од 20 грама) во споредба со оние од еден грам.
Генерално, глобалниот тренд е јасен кон производи со повисок степен на чистота и пониски маржи на профит. Предноста на ваквите производи е побрзата и поголема профитабилност при препродажба, бидејќи нивната куповна цена е значително поблиска до пазарната цена, токму поради пониските дополнителни трошоци.
Кога станува збор за централните банки, тие продолжуваат да купуваат злато низ целиот свет. Во првите три месеци од 2025 година, централните банки купија нето 243,7 тони злато. Иако ова е намалување од 21 процент во однос на првиот квартал од 2024 година, доколку се одржи ова ниво на купување, 2025 година би можела да стане рекордна година за акумулација на злато од страна на централните банки.
Други значајни купувачи се Кина (12,8 тони), Казахстан (6,5 тони), Чешка (5 тони), Турција (4,1 тони) и Индија (3,4 тони).
Георгиј Христов, директор на компанијата „Тавекс голд енд силвер“, смета дека пазарот на злато сè уште не го достигнал својот врв.
– Според нашите процени, тоа ќе продолжи да расте, како што расте насекаде во светот, особено поради моменталната политичка и геополитичка ситуација. Цената на златото од 3.900-4.000 евра за унца е реална за периодот што претстои, а според досегашното искуство, видовме дека штом берзата почне да расте, граѓаните почнуваат да купуваат повеќе – вели Христов.
Цената на инвестициското злато на светските берзи достигна рекордни 2.430 долари за унца во мај 2025 година, што претставува зголемување од речиси 20 проценти во споредба со почетокот на годината и дури 38 проценти во споредба со истиот период во 2024 година.
Клучните двигатели на овој раст се интензивното купување од страна на централните банки (особено Кина и Индија), ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток и падот на довербата во американскиот долар поради продолжената политика на ниски реални каматни стапки. Р.С.