Илустрација: „Нова Македонија“

Емануел Макрон призна за време на состанокот на таканаречената „коалиција на подготвените“ во Париз дека неговата иницијатива „не наиде на едногласна поддршка“

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ниту вчера не можеше да го скрие своето разочарување во врска со дискусиите одржани во четвртокот на 27 март во Париз, за „можното распоредување европски трупи во Украина, во случај на консолидиран прекин на огнот со Русија“. Малку порано, по состанокот во Елисејската палата на „коалицијата на подготвените“, составена од околу триесет земји, Емануел Макрон уште еднаш се изјасни за овие мерки, за кои рече дека најверојатно ќе ја одвратат Русија од преземање нови офанзиви. Факт е дека не е донесена одлука за испраќање европски трупи во Украина. Точно е дека Европејците го туркаа овој план со надеж дека ќе има влијание врз мировните преговори за Украина од кои тие остануваат исклучени. За европските либерални елити „да го спасат образот од тежок пораз“, во Елисејската палата беше договорено „во следните неколку дена“ да се испрати француско-британска воена „мисија“ во Украина, за да „во рок од три или четири недели“ да има појасна „шема“ за потребите. А за испраќање копнени сили, „коалицијата на подготвените“ сѐ уште е предалеку.
– Се планира да биде испратен мултидисциплинарен тим со специјалисти за доктрина, човечки ресурси и обука – објасни армискиот генералштаб за „Ле монд“.

Прпелкањето на францускиот претседател

Испраќањето копнени сили „нема едногласна поддршка“, призна францускиот претседател Макрон. Составени околу јадрото од Франција и Британија, тие нема да имаат „вокација да бидат мировни сили, да бидат присутни по должината на линијата на контакт или да ги заменат украинските сили“, изјави неволно Макрон. Наместо тоа, тие ќе бидат испратени на „одредени стратегиски локации претходно идентификувани со Украинците“ и ќе имаат „застрашувачки карактер“ околу големите градови или чувствителни локации, рече тој.
Во истиот контекст, обидувајќи се да го смири јавното мислење, британскиот премиер Кир Стармер, од своја страна, го поздрави процесот дека Европа „се мобилизира“ за мир во Украина, оценувајќи го неаргументирано процесот дека е „со размери што не се видени со децении“. (?!) Но тој самиот сега избегна да зборува за копнени трупи. Украинскиот претседател Зеленски, пак, малку поискрено истапи во јавноста изјавувајќи дека „бројот на европски партнери што се подготвени да се ангажираат зависи од присуството на Соединетите Американски Држави“. За издвојување е дека Шведска и Холандија го условуваат своето учество со американската поддршка во случај на судири со руските сили. Но американската „заштитна мрежа“ („backstop“) се чини сè поилузорна.

Зошто проектот на Франција и Британија е заглавен?

И покрај силните изјави од Лондон и Париз, за да изгледаат порешително од кога било, проектот дури изгледа и заглавен.
– Иако постои основна група земји подготвени да учествуваат априори, најновите состаноци продолжија да бидат пошироки, вклучително и група држави што се скептични, но сакаат да го следат напредокот на проектот како набљудувачи. Таму ги наоѓаме, на пример, Германија и Италија – објаснува за париски „Ле монд“, Ели Тененбаум, директор на центарот за безбедносни студии во Францускиот институт за меѓународни односи. Улогата на Полјаците останува нејасна, како и на Турците, кои се клучни за враќање на отворената пловидба во Црно Море.
Загриженоста на Европејците да не ја исплашат премногу јавноста, со тоа што ќе се осигурат дека ова испраќање војници ќе биде условено со прекин на огнот, го трансформираше овој услов во „предуслов, денес искористен од Русија, која сфати дека сè додека нема прекин на огнот, може да го избегне европското распоредување и поради тоа го потврди принципот на безбедносни гаранции за Украина: „Планината ќе роди глушец“, посочува Тененбаум, додека Русија постојано ја осудува однапред таквата интервенција, која ја смета за воен чин.
Вчера рускиот претседател Владимир Путин повика на формирање „преодна администрација“ во Украина „под покровителство на ОН“. За рускиот претседател, кој одбива да преговара со Зеленски, ова треба да овозможи „организирање демократски претседателски избори“ пред да ги започне мировните преговори со, како што изјави, „надлежна влада“.

Европејците едногласни против укинувањето на санкциите за Русија, но дали некој ги прашува за тоа?

Европејците сепак едногласно го одбија укинувањето на санкциите што ги побара Москва во замена за прекин на огнот во Црно Море. Зеленски дури ги повика Соединетите Американски држави да бидат „посилни против Русија“ во преговорите, додека иронизираше за специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, чии забелешки, тесно усогласени со оние на Москва, се чини дека доаѓаат „од друг свет“. Присутните земји, исто така, уверија дека сакаат да ја зајакнат својата поддршка за украинската армија, која сега се смета, во суштина, како „најдобра гаранција за безбедност“ против Русија. Во однос на воената помош, сепак, постои значителна неизвесност околу најавата за 2 милијарди воена помош за Киев, дадена од Макрон во пресрет на самитот. Во 2024 година, извршната власт веќе имаше големи тешкотии да го испорача пакетот од 3 милијарди евра, ветен на Украина на почетокот на годината. Главно, преку книговодствено пишување и сметководство на вредноста на старата француска воена опрема пренесена во Киев, беше постигната сума од нешто повеќе од 2 милијарди. Накратко, додадена вредност на оклопни возила, муниција, па дури и воздухопловите „мираж“, дадени во текот на изминатата година. Меѓутоа, во есента 2024 година, за време на расправите околу нацрт-законот за финансии што на крајот беше одбиен, Министерството за вооружени сили процени дека за 2025 година овој плик нема да надмине 700 милиони евра. Во 2024 година, Париз во своите пресметки ја вклучи и каматата за замрзнатите руски средства користени за купување француско оружје за Киев, во износ од 300 милиони евра. Дали ќе бидат поважни оваа година? Затоа, единствениот лост на располагање на извршната власт за да ја одржи својата посветеност остануваат новите наредби, но тие денес се на милост и немилост на буџетските арбитражи што моментално се дискутираат.


Пресек на клучните точки од изјавата на Емануел Макрон

По самитот во Париз, одржан овој четврток, а со цел да се разгледа можното европско воено распоредување во Украина, Емануел Макрон одржа консултации со т.н. „коалиција на подготвените“, а потоа и самиот одржа прес-конференција.
Францускиот претседател изјави дека меѓу присутните 31 земја сојузник со Украина, покрај генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и лидерите на европските институции преовладувала едногласност за повеќе прашања. Земји присутни на самитот беа членките на ЕУ (освен Унгарија, Австрија, Словачка и Малта), плус Британија, Норвешка, Исланд, Канада, Австралија и Турција.
Што сумираше францускиот претседател пред новинарите, во неколку точки, како важни заклучоци на консултативниот состанок со т.н. „коалиција на подготвените“?

1. Во подготовка конкретна предлог-форма од страна на „коалицијата на подготвените“ за условите за прекин на огнот во Украина

Меѓу Украинците и Американците се разговара за прекин на огнот во воздух, на море и врз цивилна инфраструктура, но условите за неговото спроведување остануваат непознати. А на прес-конференцијата, Емануел Макрон поттикна неколку хипотези во форма на прашање: „Дали треба да му дадеме одговорност на ОБСЕ? Дали треба да им се даде мандат на Обединетите нации за мировните сили да ја надгледуваат линијата на фронтот? Дали е неопходен ад хок систем за следење? За да се решат овие прашања, министрите за надворешни работи на различните земји сојузници со Киев добија мандат да направат конкретен предлог за огнот во рок од три недели.

2. Француско-британска екипа ќе биде испратена во Украина во наредните денови

Началниците на генералштабовите на француската и на британската армија ќе добијат мандат „француско-британски тим да биде испратен во Украина во наредните денови“. Целта: тесно да се работи со Украинците за да се дизајнира „идната украинска армија“, за да биде доволно силна за да се соочи со идните закани. Додека условите за потпишување на мировниот договор остануваат нејасни, како и природата на американските обврски „ден потоа“, Емануел Макрон верува дека военото засилување на Киев е клучно. Францускиот претседател ги наведе точките што треба да се воспостават: „Каква копнена војска? Какви поморски способности? Кои војници? Каква опрема? Имено, Емануел Макрон не ја напушти својата идеја, која предизвика бурни реакции во последните недели: испраќање западни трупи во Украина. Овие сили за уверување не се наменети да бидат мировни сили, ниту сили присутни на контактната линија или сили што ја заменуваат украинската армија – рече тој. Тоа би биле сили „присутни на стратегиски локации претходно идентификувани со Украинците“, кои би имале „застрашувачки карактер во однос на потенцијалната руска агресија“.
– Овие сили на кој било начин не можат да ги заменат или да ги намалат нашите напори на источното крило на НАТО. Сепак, испраќањето војници не е едногласно прифатено меѓу европските земји – нагласи претседателот на Франција.

3. Европа не се согласува со укинување на санкциите против Русија пред воспоставувањето мир

Додека Владимир Путин бара укинување на санкциите против Русија како услов за идниот мир во Украина, Емануел Макрон јасно ни стави до знаење дека одбива да го прифати тоа.
– Не е вистинското време за укинување на санкциите. Затоа имаме намера да одржиме економски притисок, особено врз фантомските флоти и врз одредени индустриски капацитети – рече францускиот претседател.

4. Зајакнување на колективната безбедност на Европејците

Според Макрон, европските армии ќе бидат принудени да соработуваат поблиску: Координација на одбранбените индустрии и заедничка работа за дефинирање на европските барања во однос на Русија. Кир Стармер и Емануел Макрон доброволно се пријавија да ја предводат оваа „акциона коалиција“ насочена кон постигнување цврст и траен мир. Нивните дипломатски советници ќе донесат одлуки веќе следната недела.

Тони Гламчевски, наш дописник од Франција