Претседателот на Полска, Карол Навроцки најави свикување на Националниот совет за безбедност во следните 48 часа. Неговата одлука уследи по синоќешното нарушување на полскиот воздушен простор за време на рускиот напад со дронови врз западна Украина.
– Веста дека во рок од 48 часа ќе имаме целосни информации за тоа што се случи во Полска ме наведе да одлучам да свикам состанок на Советот за национална безбедност во рок од 48 часа – истакна Навроцки, додавајќи дека сегашната ситуација е преседан во историјата на НАТО и Полска.
Претходно, полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека поради синоќешниот упад на најмалку 19 руски дронови на полска територија е активиран е членот 4 од договорот на НАТО односно консултации кога на земја-членка и е загрозен територијалниот интегритет.
– Благодарни сме за зборовите на солидарност и поддршка од Алијансата, што е неопходна, но не е доволна. Тоа е заедничка одлука на претседателот на Полска и мојата земја. Член 4 е само увод во зајакнување на соработката и тука не се доволни зборовите. Очекуваме поголема помош. Оваа не е само наша војна . тоа не е исклучиво војна на Украинците, тоа е војна што Русија и ја објави на целиот слободен свет – наведе Туск во Долниот дом на полскиот Парламент.
Туск ги информираше пратеници дека упадот на најмалку 19 руски дронови траел цела ноќ и оти последниот е соборен утрово во шест часот и 45 минути.
– Она што е ново, тоа е правецот, првпат не е од Украина, како порано, грешка или ситна провокација на Русија, туку директен упад од Белорусија – посочи Туск.
Тој додаде дека е „нужна мобилизација на целиот Запад, за повеќе никогаш да не се случи Полска да има сојузници, а да се покаже дека тие се само на хартија“.
Во меѓувреме, портпаролката на НАТО, Алисон Харт изјави дека претставниците на Алијансата во Брисел денеска ќе разговараат за тоа како да одговорат на упадот со беспилотни летала во полскиот воздушен простор.
Таа додаде дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте е во контакт со полските власти.
Харт потврди и дека противвоздушната одбрана на НАТО дејствувала заедно со полските сили против дроновите.
Според неименуван извор на НАТО, во синоќешната операција учествувале полски борбени авиони Ф-16, холандски Ф-35, италијански авиони за надзор и контрола на воздушниот сообраќај и авиони на НАТО за полнење гориво.