Билетите за летовите од Русија брзо се распродадоа откако претседателот Владимир Путин потпиша указ за делумна мобилизација на 300.000 резервисти. Цените на билетите за лет во еден правец од Москва до Белград, судејќи според веб-страниците на кои може да се резервираат и купат билети, достигнуваат рекордни цени, јави дописникот на МИА од Белград.
Според веб-страницата „травел.медиаалфа“ (travel.mediaalpha), за 22 септември цената на билетот во еден правец на релација Москва – Белград чини 3.323 долари, додека за еден ден подоцна, 23 септември, цените се движат од 1.600 до 5.600 долари, во зависност од класата и број на трансфери. Кога станува збор за други датуми, најдобрата цена моментално е 1.600 долари.
Што значи делумната мобилизација: Русија ги повикува резервистите и ги заострува законите
Најголем дел од летовите на „Ер Србија“ меѓу Москва и Белград се распродадени. Според податоците на веб-страницата на оваа компанија, првите слободни термини се 25 и 26 септември, а потоа и 9 октомври. Цените за повратни летови се движат од 160.000 до 230.000 динари (од 1.364 до 1.960 евра).
Во разговор со претставници на агенцијата „Флај тајм“, која се занимава со продажба на авиобилети, според нивната база на податоци, првото слободно место е на 29 септември, авиопревозникот е „Ер Србија“, а цената е 75.000 динари (640 евра).
Како што наведуваат, од Москва до Белград може да летате директно со „Ер Србија“, со „Туркиш ер“ со попатна станица во Истанбул и „Флај Дубаи“ со попатна станица во Дубаи.
Директните летови од Москва до Истанбул, Турција и Ереван, Ерменија, двете безвизни дестинации за Русите, беа распродадени, според податоците на „Авиаселс“ (Aviasales), а некои летови со меѓуслетување, вклучувајќи ги и оние од Москва до Тбилиси, исто така беа недостапни, наведува порталот Н1.
Авионските летови во еден правец од Русија биле распродадоа буквално за неколку минути по најавата на Путин утринава, објави Ројтерс. Најевтините билети за Дубаи чинат 300.000 рубли (5.000 долари), или пет пати повеќе од просечната месечна плата во Русија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да одговори на прашањата на новинарите за можното затворање на границите на Русија за да се спречи бегството на воено способни лица по најавата за делумна мобилизација за потребите на војната во Украина.