Она што го предлага Израел дефинитивно не би им одговарало на Палестинците, а што се однесува до руско-украинскиот воен конфликт, хрватскиот воен аналитичар Маринко Огорец тврди дека Украина не може да издржи уште долго…
Хрватски воен аналитичар за можната разврска на воените конфликти во светот
Она што го предлага Израел дефинитивно не би им одговарало на Палестинците, е коментарот на воениот аналитичар Маринко Огорец, кој деновиве направи подлабока анализа за ситуацијата на светските фронтови, каде што во моментов се водат најтешките битки: во Газа, односно во Украина…
Планот на Израелците за Газа, презентиран во јавноста, тешко е прифатлив за Палестинците
Хрватскиот воен аналитичар Маринко Огорец не ја исклучува опцијата дека војната во Газа може да се пролонгира уште неколку месеци, па дури и до крајот на годината, за да се остварат целите што ги постави Израел. Останува да се види како ќе се реши ситуацијата поврзана со Хезболах, како ќе реагираат по ликвидацијата на клучната врска на Хамас со Хезболах, дали ќе има дополнителни ескалации и како ќе се однесува израелскиот премиер Нетанјаху, кому му е во интерес да се прошири што е можно повеќе, посочува хрватскиот воен аналитичар.
– Прво, војната треба да заврши, а потоа ќе видиме дали Израел ќе го контролира целиот Појас Газа или ќе биде под локална самоуправа – изјави Огорец, во врска со предлогот на израелскиот министер за одбрана дека по војната, Израел целосно ќе ја преземе контролата над Појасот Газа.
Воениот аналитичар Маринко Огорец се осврна и на последните случувања кога Исламската држава ја презеде одговорноста за двете експлозии во кои загинаа повеќе од 80 луѓе, а десетици беа ранети на церемонијата во Иран во чест на командантот Касем Сулејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад во 2020 година. Прашан за тоа како тоа може да влијае на односите во поширокото соседство или на глобалната ситуација, Огорец одговори дека „ситуацијата не придонесува за решавање на проблемите на Блискиот Исток“.
– Тензиите само дополнително се прошируваат. Чудно е што ИСИЛ ја презеде одговорноста за терористичките напади во Иран, а во исто време повикува на спротивставување на Евреите и христијаните. Ќе видиме што ќе се случи. Во случај Израел да е „вклучен“ во тие терористички напади, тоа би значело сериозна ескалација на Блискиот Исток. Дали Иран сега ќе се фокусира на барање на вистинскиот виновник? Гледаме дека ИСИЛ ја презеде одговорноста, Ние ќе видиме дали Иран ќе се сврти против ИСИЛ – вели Огорец.
Тој е воздржан во однос на опцијата за директна војна меѓу Израел и Иран, бидејќи двете земји не се граничат. Тој посочува дека САД остануваат цврст и неподелен сојузник на Израел. Како што забележува тој, во овој момент, поважна е тивката дипломатија, која си ја врши работата. Веројатно овој конфликт во Газа ќе трае уште некое време, нема да заврши поинаку, освен со победа на Израел, а како ќе се развива потоа, ќе видиме, појаснува Огорец.
За руско-украинскиот воен судир
Во однос на украинското прашање, воениот аналитичар Маринко Огорец вели дека сега владее статус кво на терен и дека нема поголеми случувања на бојното поле, што е разбирливо поради годишното време, а очекува да потрае уште некое време.
– Што се однесува до односите меѓу Украина и Русија, Украина не е во добра позиција. Без значителна помош од Западот и САД, Украина не може долго да издржи во конфликтот со Русија. Гледаме дека има тензии и околу испораката на помошта и продолжувањето на помошта. Мислам дека сегашните согледувања не се баш на страната на Украина – рече Огорец.
Со донацијата на „Ф-16“ на Украина ништо многу нема да се промени.
– Производителите на оружје секогаш профитираат во војна, особено во оваа војна во Украина, која е војна на материјали и ќе победи страната со повеќе ресурси. Повторно се покажува дека квантитетот победува над квалитетот. Некои од системите што ги доби Украина се многу добри и ефективни, но некои се покажаа послаби од очекуваното. Војната е единствениот вистински тест за ефикасноста на некои системи. Ако западната помош пресуши, ниту Украина нема да истрае долго – заклучи тој.
Ангел Митревски, дописник на „Нова Македонија“ од Хрватска