Украинскиот „план за победа“ се состои од пет главни точки и три тајни анекси, при што има цел да осигури дека Украина ќе добие цврсти безбедносни гаранции од своите сојузници и ќе биде добро вооружена. Украинскиот претседател веќе го претстави својот план пред американските и европските лидери, при што наиде на тивка реакција од сојузниците, бидејќи барањата се во спротивност со одредени ставови на Русија, но и на Западот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претстави амбициозни барања
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата го претстави својот таканаречен победнички план пред украинскиот парламент – чија цел е да се бара праведен мир во војната со Русија, благодарение на помошта и гаранциите од нејзините сојузници. Планот се состои од пет главни точки и три тајни анекси, пренесуваат светските медиуми.
– Планот за победа на Украина е план за зајакнување на нашата држава и зајакнување на нашите позиции. Да бидеме доволно силни за да ја завршиме војната – рече Зеленски, додавајќи „ако сега почнеме да се движиме со овој конкретен план за победа, можеби ќе успееме да ја завршиме војната најдоцна до следната година“.
Апелот на Зеленски следува во ситуација кога руските сили прават бавен, но постојан напредок по линијата на фронтот, а идната поддршка за Украина е доведена во прашање и поради претседателските избори во САД идниот месец.
Планот има цел да осигури дека Украина ќе добие цврсти безбедносни гаранции од своите сојузници и ќе биде добро вооружена. Украинскиот претседател веќе го претстави својот план пред американските и европските лидери, при што наиде на тивка реакција од сојузниците, бидејќи барањата се во спротивност со одредени ставови на Русија, но и на Западот.
– Овој план може да се спроведе. Тоа зависи од партнерите… секако не зависи од Русија, која сѐ уште ја избегнува дипломатијата и фрла повеќе ултиматуми меѓу бомбите – кажа Зеленски.
Условите на Москва се еднакви на капитулација на Киев, при што од Украина се бара да се повлече од областите на кои Русија полага право, да се откаже од намерите да се приклучи на НАТО, да ги гарантира правата на руските говорници и да се демилитаризира. Во продолжение се наведени петте точки од украинскиот план.
1. Покана за членство во НАТО
И покрај тоа што членството на Украина во НАТО е сè уште далечно прашање, поканата за приклучување би испратила силен сигнал до Русија, наведува „Политико“.
– Поканата е силна одлука што не бара ништо друго освен решителност – рече украинскиот претседател.
Сепак, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, не наведе дали би апелирал до сојузниците да го поддржат притисокот на Зеленски за покана.
– Планот за победа не се однесува само на покана за станување членка на НАТО. Планот за победа има повеќе елементи. Следните чекори не се само за ова прашање туку за општата содржина на планот – изјави Руте во средата.
2. Повеќе оружје, побрзо и без ограничувања за употреба
Украина подготви список на оружје за да се заштити и да ја донесе „војната блиску до дома за Кремљ“.
Барањата вклучуваат обука и способности за противвоздушна одбрана за одвраќање руски напади, сателитски податоци во реално време од сојузниците, ставање крај на сите ограничувања за употребата на донираните оружја за напади во внатрешноста на Русија и помош од сојузниците за соборување ракети и беспилотни летала над украинска територија.
Многу од тие чекори беа блокирани поради стравувањата на Западот од преминување на „црвените линии“ на Кремљ.
3. Пакет за одвраќање
Украина предлага на нејзина територија да се распореди сеопфатен ненуклеарен стратегиски пакет за одвраќање, кој ќе биде доволен да ја заштити Украина од каква било воена закана од Русија.
4. Стратегиски економски потенцијал
Украина предлага партнерите од ЕУ и САД да потпишат посебен договор за заедничка употреба на критичните ресурси на Украина, како литиум, гас, титаниум и друго, како и заедно да произведуваат енергија во иднина.
5. Повоени перспективи
Украина ќе ја зајакне европската безбедност благодарение на својата војска зајакната со стекнатото воено искуство.
– Ако партнерите се согласат, предвидуваме замена на одредени воени контингенти на американските вооружени сили стационирани во Европа со украински единици. По војната – рече Зеленски.
„Политико“ истакнува оти некои од украинските пратеници што го слушаа говорот на Зеленски сметаат дека планот е многу амбициозен. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кажа дека „Киев треба да признае дека неговите политики немаат перспектива“.
Зеленски вчера во Брисел се сретна со лидерите на ЕУ, при што повторно се заложи за прифаќање на неговиот план. Р.С.