Фото: ЕПА

Предлогот на САД за прекин на речиси четиринеделните борби е „едностран и неправеден“, изјави за „Ројтерс“ висок ирански функционер, истовремено нагласувајќи дека дипломатијата не е завршена и покрај недостатокот засега на реалистичен план за мировни преговори.

Функционерот рекол дека предлогот, кој му го доставил Пакистан на Техеран, „беше детално разгледан во среда вечерта од високи ирански функционери и претставникот на Врховниот лидер на Иран“.

– Предлогот не ги исполнува минималните услови за успех и им служи само на интересите на САД и Израел – рече високиот функционер, додавајќи дека ако реализмот преовлада во Вашингтон, „сè уште може да се најде пат напред“ за решавање на кризата, пренесе „Ројтерс“.

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, подоцна рече дека предлозите биле „доставени до високите власти на земјата“, но Иран „засега нема намера да преговара“.

Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран да ги „сфати сериозно“ разговорите за прекин на конфликтот што започна со американските и израелските напади врз Иран на 28 февруари.

Трамп во објава на „Трут соушл“ (Truth Social) рече дека Иран „моли“ за договор, откако иранскиот министер за надворешни работи рече дека пораките пренесени преку посредници не претставуваат дијалог и дека Иран во моментов нема намера да преговара.