Фото: „Нова Македонија“

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен добро се опоравува од пневмонијата од која боледуваше и се наоѓа во нејзината куќа во Хановер, информира денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.

Таа соопшти дека Фон дер Лајен уште оваа недела ќе отсуствува од своето работно место во Брисел, поради што побарала со заседанието на Колеџот на комесари в среда да претседава извршната потпретседателка на Европската комисија за чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за конкурентност Тереза Рибера.

Според Пињо, предвидено е од следната недела Фон дер Лајен да им се врати на своите редовни работни обврски, да учествува на Светскиот економски форум во Давос и да присуствува на редовното јануарско заседание на Европскиот парламент во Стразбур.

Еврокомисијата на почетокот на месецов соопшти дека Фон дер Лајен има пневмонија и дека затоа по божиќните и новогодишните празници не се вратила во Брисел, туку го продолжила својот престој во Германија. Сепак, во петокот германската агенција ДПА јави дека Фон дер Лајен била хоспитализирана во болница набргу по Нова година, каде останала околу една недела. Ваквата информација потоа ја потврдија и извори од Европската комисија. – Таа беше во секојдневен контакт со нејзиниот тим во Комисијата. Таа сега работи од дома, додека дополнително се опоравува од оваа тешка болест, изјави истиот извор.

На забелешките на новинарите на денешниот редовен прес-брифинг за нетранспарентност на ЕК за здравствената состојба на Фон дер Лајен, Пињо изјави дека нема ништо нетранспарентно околу ова прашање, посочувајќи дека информирале оти претседателката има тешка пневмонија, дека е во Хановер и дека ги откажала сите состаноци во првите две недели од јануари.

– Рековме дека претседателката е во секојдневен контакт со нејзиниот тим и рековме дека имаше важни телефонски повици, како тој со (италијанската) премиерка (Џорџа) Мелони. Ви ги соопштивме клучните информации за здравствената состојба на претседателката со тоа што кажавме каква болест има и колку е таа сериозна и разјаснивме дека претседателката е во позиција да ги води работите и да одржува дневни контакти со нејзиниот тимот и со лидерите доколку е потребно. Нејзината способност да работи никогаш не била доведена во прашање- рече Пињо.

Главната портпаролка на ЕК потенцира дека Фон дер Лајен била хоспитализирана на 2 јануари и останала во болница „околу една недела до минатиот петок“, но при тоа во ниту еден момент не била ставена на респиратор за помош при дишење и дека не била на интензивна нега, туку можела слободно да контактира со својот тим и да прима важни телефонски повици.

– Не кажавме само дека е болна, туку кажавме дека има тешка пневмонија и дека добива третман од експерти во Хановер – додаде Пињо.

Запрашана дали ЕК ќе го објави медицинскиот извештај за здравствената состојба на Фон дер Лајен, Пињо само одговори дека веќе ги соопштиле сите „клучни елементи за здравствениот статус на претседателката“.