фото: Пекселс

Најмалку пет лица загинаа денеска во вооружен напад на автобуска постојка во Ерусалим, соопштија медицинските служби, пренесува ДПА.

Израелската итна медицинска служба „Маген Давид Адом“ јави дека четворица загинале на самото место во северен Ерусалим, додека уште една жена починала во болница од здобиените повреди.

Уште 12 лица се пренесени во болница, од кои седум се во тешка состојба.

Полицијата соопшти дека „двајца терористи пристигнале со возило на крстосницата Рамот во Ерусалим и отвориле оган кон автобуска постојка“.

– Обезбедувач и цивил на местото веднаш возвратиле со оган и ги неутрализирале напаѓачите – соопштија властите.

Доброволната служба за спасување „Зака“ потврди дека осомничените палестински напаѓачи се убиени.

Член на обезбедувањето од блиската автобуска станица изјави за израелскиот ТВ-канал „Канал 13“ дека двајца вооружени мажи влегле во автобус на крстосница и дека се слушнале истрели. Тој рече дека автобусот бил „полн со дупки од куршуми“.

– Еден од напаѓачите носел и нож – додаде тој.

Очевидци соопштија дека по нападот се поставени воени контролни пунктови кои го запираат сообраќајот меѓу Ерусалим и Рамала на окупираниот Западен Брег.