Петмина Палестинци се убиени, а 10 други повредени од израелски оган додека чекале помош во Појасот Газа, објави денеска палестинската агенција ВАФА.
Инцидентот се случил јужно од Вади Газа, во централниот дел од енклавата, пренесува ДПА.
Израелската војска соопшти дека го истражува извештајот.
Има постојани извештаи за смртоносни инциденти во близина на точките за дистрибуција на помошта управувани од Хуманитарната фондација Газа- ГХФ (GHF), потсетува германската агенција .
Оваа приватна фондација, која добива поддршка од Израел и САД, во мај започна со работа на затворената крајбрежна територија, по речиси тримесечното израелско запирање на хуманитарните испораки.
Војната во Газа избувна по нападот предводен од Хамас врз Израел, на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа земени како заложници во Газа.
Оттогаш, палестинското Министерство за здравство, контролирано од Хамас, наведува дека се убиени повеќе од 61.700 Палестинци, бројка што е тешко независно да се потврди и не прави разлика помеѓу цивили и борци. Меѓутоа, меѓународните организации како што се Обединетите нации ги сметаат овие бројки во голема мера за веродостојни.
Министерството известува дека над 1.850 лица загинале обидувајќи се да дојдат до помошта, бидејќи очајно гладни, тие честопати се соочуваат со опасни услови додека се обидуваат да стигнат до хуманитарна помош.