Кремљ денеска соопшти дека одбивањето на Украина да се приклучи кон НАТО е клучно прашање во сите мировни преговори и треба да биде предмет на посебни, поконкретни разговори.
– Секако, ова прашање е едно од главните и е предмет на посебна дискусија – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека Москва очекува информации од САД по разговорите во Берлин со Украина и европските земји.
Претседателот на Русија, Владимир Путин постојано бараше Украина формално да се откаже од својата намера да се приклучи кон НАТО и да ги повлече своите трупи од делови на Донбас контролирани од Киев.
Москва, исто така, тврди дека Украина треба да биде неутрална држава и дека силите на НАТО не треба да бидат стационирани на нејзина територија.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа изјави дека Украина е подготвена да се откаже од инсистирањето за членство во НАТО доколку САД и европските партнери понудат доволно безбедносни гаранции како дел од преговорите за мировниот договор.
– Зборуваме за билатерални безбедносни гаранции меѓу Украина и САД – по модел сличен на Член 5 … како и гаранции од нашите европски партнери и од други земји како што се Канада, Јапонија и други – наведе Зеленски.
Во Берлин вчера се одржаа консултации меѓу претставници на Германија, Велика Британија и Франција за предлозите за завршување на војната, пред состанокот на Зеленски со лидерите на трите земји.
Зеленски вчера имаше и петчасовен разговор со американскиот специјален претставник Стив Виткоф и Џеред Кушнер, а по средбата најавено беше дека разговорите ќе продолжат и денеска.

































