Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека е малку веројатно американскиот претседател Доналд Трамп да не ги продолжи санкциите против Русија, што ги воведе администрацијата на претходниот претседател на САД, Џо Бајден.
-Би било тешко да се очекува некоја друга одлука, особено што тоа се работи за прилично автоматски акции. Веројатно сме на почетокот на нашиот пат кон нормализирање на односите, практично да ги изградиме одново. Затоа, немавме преголеми очекувања во овој поглед – изјави Песков.
Тој оцени дека контактите меѓу руската страна и специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф се корисни, бидејќи им овозможуваат на шефовите на двете земји да ги соопштат своите ставови меѓусебно.
Песков нагласи дека „прашањата за кои се разговара се многу сложени, па тешко дека би било оправдано да се очекуваат некакви непосредни резултати“. Сепак, тој додаде дека „работата продолжува“.
Рускиот претседател Владимир Путин минатиот петок во Санкт Петербург се сретна со Виткоф, што е негова трета средба со специјалниот пратеник на американскиот претседател. Песков рече дека на таа средба не била разгледана можноста за директна средба меѓу Путин и Трамп. „Темата на средбата (Путин и Трамп) не беше детално разговарана, бидејќи секоја средба мора да биде добро подготвена“, рече Песков.