Американските власти денеска проценија дека меѓу 2.000 и 4.000 руски војници загинале во Украина од почетокот на воениот конфликт, но и оти рускиот претседател Владимир Путин би можел да ги засили нападите и покрај воените неуспеси и економските проблеми што произлегуваат од меѓународните санкции.
Во обраќање пред конгресна комисија, генерал-полковник Скот Бериер, директор на Одбранбената разузнавачка агенција, рече дека оваа груба проценка за бројот на загинати руски војници треба да се земе со претпазливост бидејќи се заснова на повеќе извори. Руското Министерство за одбрана на 2 март соопшти дека 498 руски војници биле убиени во Украина.
– Нашите аналитичари проценуваат дека неуспесите на Путин веројатно нема да го одвратат и оти наместо тоа ќе има ескалација – рече Аврил Хејнс, директорка на Националната разузнавачка служба. Со толку високи тензии, секогаш постои потенцијал за „непланирана ескалација“, додаде Хејнс во истото обраќање пред конгресната комисија.
Хејнс рече дека разузнавачките аналитичари не забележале промени во нуклеарната позиција на Русија, освен она што беше забележано за време на претходните меѓународни кризи.
Вилијам Брнс, директор на Централната разузнавачка агенција, исто така, ја потврди оценката на Аврил Хејнс дека Русија најверојатно нема да се повлече.
– Мислам дека Путин сега е лут и фрустриран. Веројатно ќе вложи повеќе напори за да ја скрши украинската армија со малку обѕир кон цивилни жртви – рече Барнс и додаде дека САД споделиле „значајни разузнавачки информации“ со Украина.