Папата Лав Четиринаесетти денеска за време на состанокот со претставници на други конфесии и цркви, порача дека ова е момент за дијалог и градење мостови, објавија италијанските медиуми.
– Убеден сум дека ако се согласиме и се ослободиме од идеолошкото и политичкото условување, можеме да кажеме „не“ на војната и трката во вооружување и „да“ на мирот и разоружувањето“, рече папата, додавајќи дека истовремено можеме да ја отфрлиме економијата што ги осиромашува луѓето и планетата Земја, а да прифатиме интегрален развој – пренесе италијанската агенција АНСА.
На средбата со претставниците на другите конфесии, папата се осврна на еврејските корени на христијанството, нагласувајќи дека сите христијани имаат посебен однос со јудаизмот.
– Теолошкиот дијалог меѓу христијаните и Евреите останува секогаш важен и близок до моето срце. Дури и во овие тешки времиња, оптоварени со конфликти и недоразбирања, потребно е со ентузијазам да го продолжиме овој наш многу драгоцен дијалог – заклучи папата Лав Четиринаесетти на состанокот со претставниците на други религии.