Протекоа информации што сугерираат на софтвер за активно слушање
Иако многумина долго време се сомневаа во тоа, а други веруваа дека можеби станува збор за теорија на заговор, сега достапните информации сугерираат дека нашите паметни телефони можеби се прислушувани
Ако ви се чинеше дека во поголема мера од вообичаено гледате реклами за одреден производ откако сте разговарале за него со пријател или сте пребарувале податоци за него на интернет, можеби сте помислиле дека ви го прислушуваат телефонот.
Иако многумина долго време се сомневаа во тоа, а други веруваа дека можеби станува збор за теорија на заговор, сега достапните информации сугерираат дека нашите паметни телефони можеби се прислушувани. Британските медиуми, меѓу кои и „Гардијан“ и „Дејли мејл“, неодамна известија дека протекле информации за визуелна презентација на еден од наводните маркетиншки партнери на „Фејсбук“, што имплицира дека таа компанија наводно ги прислушува разговорите на корисниците за да испорача точно насочени реклами кон нив.
Софтверот на ЦМГ поттикнува сомнеж
Станува збор за „Кокс медија груп“ (ЦМГ), која претходно тврдеше дека нејзиниот софтвер „Актив лисенинг“ (во превод активно слушање – н.з.) користи вештачка интелигенција за собирање и анализа на податоци за „намерите во реално време“ слушајќи што зборувате преку вашиот телефон, лаптоп и уредите со микрофон. ЦМГ е американски медиумски конгломерат со седиште во Атланта, САД. Компанијата опфаќа радиодифузни и дигитални медиуми, а обезбедува и рекламирање и маркетинг-услуги. Таа оствари приход од 22,1 милијарди долари во 2022 година.
– Огласувачите можат да ги усогласат гласовните податоци со податоците за однесувањето за да целат на клиентите на пазарот – се наведува во извештајот што неодамна протече во јавноста.
„Мета“, матичната компанија на „Фејсбук“, соопшти дека го истражува ЦМГ за можно прекршување на условите за услугата, додека „Амазон“ тврди дека нејзината рекламна група „никогаш не работела со ЦМГ и не планира да го стори тоа“.
Протечените информации сугерираат оти софтверот за активно слушање на ЦМГ ги собира гласовните податоци на корисникот практично преку секој уред опремен со микрофон, вклучувајќи и паметен телефон или лаптоп. Сепак, не е јасно дали софтверот „Актив лисенинг“ слуша цело време или само во одредени периоди кога е активиран микрофонот на телефонот, како на пример за време на повици и разговори.
Потоа, огласувачите ги користат тие сознанија за да „нанишанат“ на потрошувачите на пазарот што активно размислуваат да купат одреден производ или услуга.
Ако вашиот глас или податоците за однесувањето сугерираат дека размислувате да купите нешто, тие ќе ви постават реклами за таа ставка. На пример, откако ќе зборувате за автомобилите на „Тојота“ или ќе ги пребарувате на интернет, ќе почнете да гледате реклами за нејзините најнови модели.
– Откако ќе се активира, технологијата автоматски ги анализира сообраќајот на вашата страница и клиентите за да го поттикне целењето на публиката на постојана основа – се наведува во него.
Технолошките компании ги негираат тврдењата за прислушување
Значи, ако ви се чини дека гледате повеќе реклами за одреден производ откако сте разговарале за него со пријател или сте го пребарувале на интернет, можеби токму слушањето на разговорите е причината за таа појава. Со години корисниците на паметни телефони шпекулираат дека нивните телефони или таблет-компјутери „слушаат“ што тие зборуваат. Повеќето технолошки фирми, сепак, жестоко ги негираа тврдењата.
– Разбираме дека понекогаш рекламите може да бидат толку специфични што се чини дека ги прислушуваме вашите разговори, но ние не го правиме тоа – велат од онлајн центарот за приватност на „Мета“.
Протекувањето информации за ваквата практика претставува последно сознание во мноштвото извештаи што сугерираат дека вашиот телефон навистина ве слуша и дека социјалните мрежи како Фејсбук можеби заработуваат пари од она што го кажувате.
Големите брендови и технолошки компании тврдат оти немаат потреба да прислушуваат, бидејќи тие веќе имаат пристап до голем број податоци што создаваат детална слика за вашите навики и предвидени набавки. Иако многу детали остануваат матни, јасно е дека приватноста умре одамна, заклучува британски „Гардијан“. Р.С.
Софтверот за „активно слушање“ е легален?!
Иако може да изгледа изненадувачки, софтверот „Актив лисенинг“ е совршено легален, тврди ЦМГ во оттогаш избришаната објава од ноември 2023 година.
– Знаеме што мислиш. Дали е ова дури и легално? Краткиот одговор е: да. Легално е телефоните и уредите да ве слушаат. При преземање или ажурирање нова апликација, корисниците се поттикнуваат со договор за услови за употреба на повеќе страници, што често вклучува и согласност за користење на „Актив лисенинг“ – се наведува во објавата.
Ова би можело да објасни како ЦМГ се извлекува со ваквата практика во државите со закони за прислушување што забрануваат снимање некого без негово знаење, пишува „Дејли мејл“. Р.С.