Жителите на Појасот Газа кои беа префрлени во Јужна Африка тврдат дека морале да платат 2.000 долари по лице за да ги извлечат своите семејства од опустошената палестинска енклава.
Двајца жители на Газа потврдија за британските медиуми дека биле меѓу групата од 130 Палестинци на кои минатата недела им бил дозволен влез од Јужна Африка откако биле евакуирани со автобус од Појасот Газа и пристигнале со авион во Јоханесбург по слетувањето во Најроби.
Двајцата Палестинци рекоа дека одговориле на онлајн-оглас објавен од Ал-Маџд Европа во кој се нуди можност да ја напуштат Газа и дека огласот е само за семејства.
Меѓутоа, министерот за надворешни работи на Јужна Африка, Роналд Ламола, чија влада долго време ги поддржува палестинските национални аспирации и го обвинува Израел за геноцид во Појасот Газа, рече дека јужноафриканските власти истражуваат „сомнителни околности околу пристигнувањето на авионот што ги превезува Палестинците во Јоханесбург“.
– Се чини дека станува збор за поширок план за протерување на Палестинците од Палестина – изјави Ламола на брифинг за новинарите.
Израел ги отфрли обвинувањата за геноцид во Појасот Газа како политички мотивирани и тврди дека неговата воена кампања била насочена против Хамас, а не против цивилното население во окупираната палестинска енклава.
Запрашан за коментарите на Ламола, портпаролот на израелската Влада рече дека премиерот Бенјамин Нетанјаху јасно ставил до знаење дека на Палестинците треба да им биде дозволено да го напуштат Појасот Газа ако сакаат, а ако сакаат да се вратат во Појасот Газа, треба да им биде дозволено и тоа.
Ал Џезира вчера објави дека Палестинците плаќаат 2.000 долари за да ја напуштат територијата на Газа и го прават тоа без да знаат каде одат, а се принудени да го сторат тоа поради неподносливата ситуација во Газа – две години континуирано бомбардирање, вклучително и губење на домовите и сè што поседуваат.
Организацијата „Ал-Маџд Европа“ ги информираше Палестинците дека можат да ја напуштат Газа, но, како што забележува „Ал Џезира“, постојат голем број прашања во врска со оваа организација.
Катарската телевизија наведува дека постои координација со израелските власти за Палестинците да ја напуштат територијата, и дека тие се транспортираат со автобуси преку „жолтата линија“, а потоа до меѓународниот аеродром.



































