Преговорите меѓу Пакистан и Авганистан за решавање на нивниот пограничен спор завршија без пробив, соопштија денеска двете страни, пренесе ДПА.
Преговорите во Истанбул, кои се одвиваа со прекини, посредувани од Турција и Катар, продолжија во трета рунда во четвртокот.
– Преговорите се завршени – изјави пакистанскиот министер за одбрана Кхаџа Асиф за телевизијата Geo News во интервју доцна синоќа.
Пакистански безбедносни извори денеска изјавија дека авганистанската страна одбила да потпише писмен договор.
Владата на Талибанците во Авганистан за неуспехот на преговорите го обвини „неодговорното и неконструктивно однесување“ на пакистанската делегација, според изјавата на владиниот портпарол Забихулах Муџахид.
Пакистанската делегација „не покажа никаква подготвеност да преземе одговорност ниту за безбедноста на Авганистан, ниту за својата сопствена“, напиша тој на X. Авганистан нема да „дозволи ниту една земја да ја користи неговата територија … за да ја поткопува сувереноста, независноста или безбедноста на Авганистан, додаде Муџахид.
Но пакистанскиот министер за информации Атаула Тарар напиша на X дека „одговорноста е на Авганистан да ги исполни своите долготрајни меѓународни, регионални и билатерални обврски во врска со контролата на тероризмот, во што досега не успеале“.
Трговијата меѓу двете земји останува прекината, а главните гранични премини се затворени повеќе од три недели. Само авганистански бегалци смеат да ја преминуваат границата, како дел од масовната акција за нивно протерување од Пакистан. Исламабад има репатрирано повеќе од 1,47 милиони луѓе од 2023 година.
Напнатоста меѓу двете земји се зголеми по пакистанските воздушни напади врз Кабул на 9 октомври и последователните напади на авганистанска територија. Десетици војници и цивили беа убиени за време на судирите од двете страни на границата.


































