На малцинската влада на францускиот премиер Мишел Барние вечерва и беше изгласана недоверба во Долниот дом на француското Национално собрание со гласовите на пратениците на екстремната левица и екстремната десница, така што од вкупно 574 пратеници, 331 и изгласаа недоверба на француската влада- објави ДПА.
Со ваквата очекувана разврска во парламентот Франција запаѓа во политичка криза, по само тримесечното управување на малцинска влада на премиерот Барние.
Премиерот Барние најави дека ќе поднесе оставка до францускиот претседател Емануел Макрон.
Колапсот, што беше предизвикан од предлог буџетот на Барние за штедење, ја втурна земјата, која е еден од најмоќните европски играчи, во подлабоки политички превирања среде големите економски предизвици – наведува ДПА.
Последен пат една француска влада била соборена со гласање недоверба во далечната 1962 година.
Барние, конзервативниот француски политички ветеран, кој ги водеше преговорите на Европската унија со Велика Британија за излезот на земјата од ЕУ, на оваа функција беше поставен од претседателот Емануел Макрон во септември годинава.
Барние ја презеде функцијата по неколкунеделната неизвесност предизвикана од одлуката на Макрон да одржи предвремени парламентарни избори во јуни и јули.
Макрон повика на гласање за да ја зајакне својата поддршка, меѓутоа, наместо тоа, доби хаотичен резултат, при што екстремната левица и крајната десница остварија видливи резултати, а ниту еден од политичките блокови немаше апсолутно мнозинство во Националното собрание.
Поради сето тоа Барние од самиот старт на работата на неговата малцинска влада беше во ослабена позиција.
Неговиот вечерашен пораз беше очекуван и до него се дојде откако левичарскиот сојуз Нов народен фронт (НФП) и екстремно десничарскиот Национален собир (РН) поднесоа предлог за недоверба.
Првиот предлог за кој гласаа пратениците – и тој што ја урна владата – беше од левичарскиот сојуз, за кого поддршка дадоа и пратениците од партијата на Ле Пен.
Опозициските пратеници беа лути од неговата одлука од пред два дена да користи специјални овластувања за да протурка дел од неговиот буџет за 2025 година – во кој има зголемување на даноците и кратења на владините трошоци – а за тоа да нема одобрение од парламентот.
Франција, втората по големина економија во еврозоната, се соочува со зголемен буџетски дефицит што ги уништува француските акции и обврзници и ги зголемува трошоците за задолжување – пренесе ДПА.