Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред малку им се обрати на Украинците со видео порака во која предупреди дека земјата е во еден од најкритичните моменти од почетокот на војната. Тој зборуваше за исклучително силниот политички и дипломатски притисок од САД и за тешките одлуки што Киев мора да ги донесе во наредните недели.

– Сега доживуваме еден од најтешките моменти во нашата историја. Во моментов, Украина можеби ќе мора да направи исклучително тежок избор: или да го изгуби достоинството, или да ризикува да изгуби клучен партнер. Или тежок план од 28 точки, или исклучително сурова зима, најсуровата, и дополнителни ризици што претстојат. Живот без слобода, достоинство и правда, и принудување да му верува на некој што веќе нè нападна двапати. Тие ќе чекаат наш одговор. Притисокот врз Украина во моментов е меѓу најтешките досега – рече Зеленски.

– Ќе има конструктивно барање решенија со САД. Ќе презентирам аргументи, ќе убедувам и ќе понудам алтернативи, но нема да му дадеме на непријателот никаква причина да каже дека Украина не е подготвена за мир – нагласи украинскиот претседател.

– Ние, се разбира, сме направени од челик, но дури и најсилниот метал на крајот може да попушти – рече Зеленски.

– Мора да се собереме, да се освестиме, да ги запреме меѓусебните конфликти и токсичните расправии. Државата мора да дејствува како единствен ентитет. Не смееме да го изгубиме од вид кој е нашиот вистински непријател – рече тој.

– Тогаш не ја предадовме Украина и нема да ја предадеме сега. Знам дека народот е со мене – рече Зеленски.

– Следната недела ќе биде тешка. Ќе има многу притисок – политички и информативен, со цел да се обидеме да нè разделиме и дестабилизираме – рече Зеленски.