Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Европската унија треба да го отвори патот за Анкара да се приклучи на блокот пред турскиот парламент да ја одобри кандидатурата на Шведска за приклучување кон воената алијанса НАТО.
Турција чека пред вратата на ЕУ повеќе од 50 години. Ги повикувам земјите на кои Турција чека да и го отворат патот на Турција кон Унијата. Да го расчистиме патот за Шведска, исто како што го отворивме патот за Финска – рече Ердоган, пренесе „Хуриет“.
Говорејќи во пресрет на неговото заминување на самитот на НАТО во Вилнус, Ердоган потсети дека приемот на Шведска зависи од спроведувањето на договорот постигнат минатото лето на самитот на Алијансата во Мадрид, додавајќи дека никој не треба да очекува компромиси од Анкара.
Ердоган, исто така, рече дека крајот на војната меѓу Украина и Русија ќе го олесни процесот за членство во НАТО за Киев.