Протести во Техеран по израелските воздушни напади - Фото: ЕПА

МОЛСКАВИЧЕН НАПАД НА ИЗРАЕЛ ВРЗ ИЗБРАНИ ЦЕЛИ ВО ИРАН

Во нападот на Израел, извршен со над 200 авиони, погодени се витални нуклеарни постројки на Иран, при што загинале и клучни ирански воени лидери. Од друга страна, Израел успешно се одбранил од иранскиот напад со дронови. Кон што води оваа воена ескалација?

Што ќе се случува на Блискиот Исток (а веројатно и пошироко) по израелскиот напад врз цели во Иран? Ова е клучното прашање што светот вчера си го постави. Одговорите сѐ уште не се јасни. Сепак, има извесни сигнали, па и контури за тоа што би можело да се очекува понатаму, но засега, сценаријата за развој на ситуацијата и воената ескалација на Блискиот Исток воопшто не влеваат оптимизам.

Кус хронолошки пресек за најновиот воен инцидент

Во продолжение, ќе направиме еден кус пресек за хронолошки да го опишеме последниот развој на настаните, или поточно воената ескалација. Во раните утрински часови во петокот израелските сили (ИДФ) извршија напад врз Иран, при што главни цели биле командата на иранската армија, како и нуклеарни постројки. Типична акција на ИДФ наречена блицкриг, односно молскавичен и ненадеен напад длабоко на туѓа територија. Нападот бил извршен со повеќе од 200 авиони на дистанца, а Израел не објави какви било загуби по извршената воена операција. Иран потврди дека во нападите биле убиени воени шефови, но и цивили, како и дека е направена значителна штета. Овој напад, кој де факто е влегување во војна на Израел со Иран, најверојатно е извршен во координација со САД, иако Вашингтон не го потврдува тоа.
Весникот „Џерусалем пост“ објави дека како дел од нападите на Израелските одбранбени сили врз иранските нуклеарни објекти во петокот, тие ги нападнале и ги уништиле Натанц и објекти каде што се развива нуклеарно оружје. Иако Израелските одбранбени сили имаат капацитети што би можеле да оштетат и да предизвикаат уривање во Фордоу, ниту еден функционер на ИДФ не даде изјава за нападот врз локацијата. Фордоу е подземен центар каде што Техеран развива нуклеарна програма.
Иранска новинска агенција ИРНА објави дека шефот на началниците на Генералштабот на вооружените сили на Иран, генерал-мајор Мохамед Багери, главниот командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), генерал-мајор Хосеин Салами, и други воени и цивилни личности биле убиени во одделни израелски напади во Техеран.

Командантот на штабот на „Хатам ал Анбија“, генерал-мајор Голамали Рашид, исто така беше убиен во израелските напади.

Израел однапред го најави воениот удар, Иран не се заштити соодветно, ниту дипломатски ниту воено-одбранбено

Иако во изминативе неколку дена се најавуваше израелски воен удар врз Иран, сепак, акцијата е изведена хируршки прецизно, а на иранските одбранбени сили им е нанесена голема штета. Оттука и шпекулациите дали овој напад е извршен со помош на Америка. Второто прашање е дали Иран не бил способен да се одбрани, а ако е тоа точно прашањето е зошто? Дали затаил системот за одбрана или, пак, е можно да има и диверзии. Зошто не реагирало иранско-руското воено партнерство?

Во однос на американска вклученост, израелски функционер изјави за „Пост“: „На американската администрација ѝ презентиравме докази за пробивот на Иран кон нуклеарна бомба. Имаше целосна и комплетна координација со Американците“.
Портпаролот на иранските вооружени сили, пак, го обвини Израел дека извршува напади врз Иран со поддршка на САД.

Ова доаѓа откако државниот секретар Марко Рубио изјави: „Вечерва, Израел презеде еднострана акција против Иран. Ние не сме вклучени во напади против Иран и наш главен приоритет е заштитата на американските сили во регионот“. Не треба да се заборави и изјавата на претседателот Доналд Трамп, кој потврди дека Израел е американски сојузник и дека ако треба, ќе го бранат. Многу порезервирани беа Британците, кои во моментов само повикуваат на мир, односно деескалација.

За израелскиот напад премиерот Бенџамин Нетанјаху во јавното обраќање рече: „Се наоѓаме во одлучувачки момент во историјата на Израел. Пред неколку моменти, Израел ја започна операцијата ’Лавот се крева‘, целна воена операција за справување со иранската закана за самиот опстанок на Израел. Оваа операција ќе продолжи онолку дена колку што е потребно за да се отстрани оваа закана“.

Според израелски извори, Иран возвратил на нападот со акција на беспилотни летала, но тие биле навреме пресретнати. Не е кажано дали и колку дронови се уништени, но објавен бил крај на алармот, што значи дека граѓаните можеле да ги напуштат подземните засолништа, но им било препорачано да бидат внимателни и да се во близина на јавните засолништа.

Дали е ова почеток на поширока војна на Блискиот Исток?

Во моментов сите анализи одат во насока дали е ова почеток на поширока војна на Блискиот Исток? Можно е, но прашање е дали Иран ќе добие сојузнички сили за да може да возврати. Неговите истурени играчи како што се Хезболах во Либан и Хамас во Газа се доста ослабени, особено Хамас. Хутите се исто така воено ангажирани со израелската армија, но и со Американците. На прв поглед е поверојатно сценариото дека Иран е можно да се соочи со внатрешен револт, кој би отишол во насока на граѓанска војна. Арапскиот свет е поделен, но се чини дека поголемиот дел не му е наклонет на режимот на верскиот лидер на Иран, Али Хамнеи.

Инаку, Иран и Израел беа сојузници до 1979 година кога исламската револуција го собори режимот на Пахлави. Реза Пахлави, протераниот син на последниот монарх на Иран Реза Пахлави, кој живее во САД, во петокот издаде остро формулирана порака со која ги повика иранските воени и безбедносни сили да ја напуштат Исламската Република и да се приклучат на народното движење за враќање на земјата.
Во објава напишана на персиски јазик и споделена на неговите официјални платформи на социјалните медиуми, Пахлави го обвини врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи дека го принудува иранскиот народ на војна што не ја претставува нивната волја.
– Али Хамнеи, безобѕирниот лидер на антииранскиот режим на Исламската Република, повторно ја вовлече нашата земја во војна – напиша Пахлави. „Ова не е војна на Иран, ниту војна на иранскиот народ. Ова е војна на Хамнеи и војна на Исламската Република“. Х.И.