Глинените цилиндри со големина на показалец, кои во гробница во Сирија ги пронајдоа експерти од Универзитетот Џон Хопкинс, се доказ за најстарата позната употреба на пишувањето и целосно менуваат се што претходно се мислеше за потеклото на писменоста, пишува „РТС“ според соопштението од Универзитетот Џон Хопкинс.
Цилиндрите датираат околу 2400 година п.н.е., и се 500 години постари од египетското писмо, чии коси хиероглифски форми се сметаа за првото писмо до сега.
– Ова го менува нашето знаење за тоа од каде потекнуваат првите букви, како се споделувале и разменувле и што може да значи тоа за развојот на раните урбани цивилизации. Писмото донесе огромен пробив и ја направи писмената комуникација достапна за луѓето кои не припаѓаат на владејачката и социјалната елита. Тоа го промени начинот на кој луѓето живеат, размислуваат и комуницираат – вели Глен Шварц, професор по археологија на Универзитетот Џон Хопкинс, кој ги откри глинените цилиндри.
Новото откритие покажува дека луѓето експериментирале со нови форми на комуникација многу порано и на поразлични локации отколку што мислевме претходно.
Резултатите од студијата беа претставени на годишниот состанок на Американското здружение за океанографски истражувања.
Шварц, кој е експерт за археологија на Блискиот Исток, проучувал низ Сирија како се развиле раните урбани центри и како биле основани помалите градови во регионот.
Заедно со колегите од Универзитетот во Амстердам, тој водел 16-годишно ископување во Тел Ум ал Мар, еден од првите средно урбани центри во западна Сирија.
Таму откриле гробници од раното бронзено време, а една од нив содржела шест скелети, златен и сребрен накит, глинени садови и врв од копје.
До керамиката, археолозите откриле четири глинени цилиндри на кои изгледало дека има нешто напишано.
– Цилиндрите беа продупчени, па претпоставуваме дека низ дупката поминала врвка што ги поврзувала со друг предмет и дека тие служеле како маркери. Можеби за да се опише содржината на садовите, од каде потекнуваат или кому му припаѓале. Без можност за преведување, можеме само да шпекулираме – истакнува Шварц.
Користејќи го методот на радиојаглерод, истражувачите ја потврдија староста на гробниците, артефактите и буквите.
– Претходно мислевме дека првата буква е измислена во или околу древниот Египет околу 1900 година п.н.е. но, овие предмети се постари и на сосема друга локација, што значи дека писмената комуникација има сосема поинакво потекло отколку што мислевме – вели експертот на Универзитетот „Џон Хопкинс“.