Морнарицата на Јужна Кореја, САД и Јапонија денеска почнаа дводневна воена вежба против подморници во меѓународни води во близина на јужнокорејскиот остров Џеџу, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана.
Во вежбата, чија цел е подобро справување со нуклеарните и ракетните закани од Северна Кореја, учествува и американскиот носач на авиони Нимиц.
Вежбите се одржуваат откако Северна Кореја минатата недела претстави нови, помали нуклеарни боеви глави, вети дека ќе произведе повеќе материјал за нуклеарно оружје за да го прошири својот арсенал и се пофали со, како што го нарече, дрон оспособен за нуклеарен подводен напад.
Трите земји последен пат одржаа заеднички вежби за борба против подморница во септември, први во последните пет години, во услови на тензии поради големиот број ракетни тестови на Северна Кореја.