Соединетите држави и Русија денеска остро ги спротиставија своите ставови за украинската криза на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации, свикан на барање на Вашингтон. Амбасадорите на двете држави меѓусебно се обвинуваа за „ширење хистерија“ и за „загрозување на меѓународната безбедност“.
Рускиот амбасадор во ОН, Васили Небензја, на состанокот на Советот за безбедност, првично го обвини Вашингтон „дека се обидува да создаде хистерија„ и „да ја измами меѓународната заедница со неосновани обвинувања“.
Неговата американска колешка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, одговори дека распоредувањето на повеќе од 100.000 руски војници долж украинската граница е „најголемата мобилизација во Европа во последните децении“, и додаде дека се зголемил бројот на кибер напади и руски дезинформации. Таа рече дека со распоредувањето војници, Русија ја загрозува „меѓународната безбедност“.
-И тие се обидуваат, без да ги поддржат фактите, да ги прикажат Украина и западните земји како агресори за да произведат изговор за напад – рече американската амбасадорка.
Рускиот амбасадор во ОН, пак, ја обвини администрацијата на Бајден за ескалација на тензиите и реторика за да предизвика ескалација.
-Речиси навивате за тоа. Сакате тоа да се случи, чекате да се случи како да сакате вашите зборови да станат реалност – рече Небензја.
Тој праша врз која основа Западот може да тврди дека има повеќе од 100.000 руски војници распоредени во близина на Украина и потсети дека пред инвазијата на Ирак во 2003 година, „Вашингтон исто така тврдел дека има докази за оружје за масовно уништување во таа земја, што никогаш не било пронајдено“.
Американскиот претседател Џо Бајден во својата порака предупреди дека Русија „ќе сноси одговорност и ќе претрпи брзи и остри последици доколку се оттргне од дипломатијата и ја нападне Украина“ и додаде дека овој состанок е „одлучувачка фаза во доведувањето на светот да зборува со еден глас за таа криза“.
Американската амбасадорка во ОН, Томас-Гринфилд, дополнително ја обвини Москва дека на почетокот на февруари сака да распореди дополнителни 30.000 војници во Белорусија.
Небензја и неговиот белоруски колега Валентин Рјабаков одговорија со тврдење дека се работи за заеднички воени вежби што ќе се одржат во февруари. Рускиот амбасадор изјави за новинарите дека Русија има редовни вежби со Белорусија на нивна и на руска територија.