Украинецот Володимир Ш., кој се претпоставува дека стои зад експлозијата на Северен тек, повеќепати патувал во Германија по нападите на гасоводот во Балтичко Море – се наведува во заедничката истрага на германскиот магазин „Шпигел“, телевизијата ЗДФ и данската телевизија ДР.
Според информациите, Володимир Ш. последен пат патувал низ Германија на крајот на мај, само неколку дена пред да биде распишана потерница. На враќањето од Данска до својот дом во Полска, тој посетил и роднина на неговата сопруга во Берлин. На 21 јуни во Полска беше испратен европски налог за апсење за Володимир Ш., а тој набргу потоа отпатува за Украина. Патот за бегство на Володимир Ш. покажува дека за случајот биле запознаени и украинските власти. Се верува дека тој ја преминал границата меѓу Полска и Украина на 6 јули со автомобил со дипломатски регистарски таблички во сопственост на Амбасадата на Украина во Варшава.
– Случајот веќе стана политичко прашање. Полските власти требаше веднаш да ја извршат европската потерница против Володимир Ш – истакнува германскиот весник Велт.
Весникот наведува и дека високи полски политичари на почетокот на јули ги информирале своите германски колеги дека нема да се случи апсење.
Во септември 2022 година диверзантите ги разнесоа цевководите на Северен тек во Балтичко Море, уништувајќи три од четирите гасоводи. Инспекторите од германското Федерално обвинителство, Федералната криминалистичка служба и Федералната полиција сега се сигурни дека зад нападот стојат Украинци.