Илон Маск го исполни ветувањето за снабдување на Украина со сателитски чинии од неговата компанија „Спејс екс“, за што доби благодарност од украинскиот заменик-премиер и министер за дигитална трансформација, Микаило Федоров, кој изминатиот викенд упати апел до милијардерот да овоможи средства за одржување на интернет-комуникацијата во Украина за време на конфликтот со Русија, пренесуваат светските медиуми.
Федоров на Твитер објави фотографија од сателитските чинии „Старлинк“ по нивното пристигнување во Украина. А Маск соопшти дека услугите на „Старлинк“ се активни во Украина 12 часа по барањето на украинскиот заменик-премиер.
– Многумина го пофалија гестот на Маск, но испораката на сателити не претставува инстантно решение, а милијардерот нема чаробно стапче кое може да го употреби за справување со прекините во интернетот на Украина – пишува „Атлантик“.
Со ваквата забелешка се согласуваат и експертите.
– Неговата понуда е убава, но не значи дека веднаш ќе има значително влијание – вели експертот за вселенска политика Брајан Виден, според кој целата постапка ги открива ограничувањата на влијанието на Маск.
За Украинците да имаат корист од „Старлинк“ тие треба да добијат пристап до сателитските чинии (нивната вообичаена цена за потрошувачите изнесува 499 долари со месечна претплата од 99 долари), наведува „Атлантик“. „Спејс екс“, пак, не соопшти колкав е моментниот број на активни терминали во Украина или колку вкупно сателитски чинии ќе бидат испратени во државата. Моментно има 1.600 функционални сателити „Старлинк“ во орбитата, а Маск во иднина планира да испрати дополнителни илјадници сателити.
Ако Украинците успеат да се поврзат со услугите на „Старлинк“ постои прашање и за нивниот квалитет, за кои според „Спејс екс“ потребен е „чист поглед кон небото“ за одржување на директната линија помеѓу терминалите и сателитите. При тестирањето на услугите, некои корисници се жалеа дека и дрвјата во близина го попречуваат сигналот. А дури и да функционира беспекорно, употребата на сателитска технологија е ризична во време на војна, според експертите.
– Ништо од ова не е ново. Единствено што „Старлинк“ никогаш не е тестиран во контекст на оружен конфликт – вели Џон Скот-Раилтон од универзитетот „Торонто“.
Затоа, тешко е да се предвиди каков ќе биде ефектот од сателитите врз проблемите на Украина за добивање на пристап до интернет, заклучува американскиот магазин.