Курдистанската работничка партија (ПКК), милитантна група што е во конфликт со Турција повеќе од четири децении, во кој повеќе од 40.000 луѓе ги загубија своите животи, одлучи да го положи оружјето и да се распушти. Оваа вест ја објави новинската агенција „Фират“, блиска до ПКК. Во соопштението на групата (која, патем споменато, САД, Велика Британија, ЕУ и Турција ја сметаат за терористичка организација) се наведува дека сите активности спроведени под нејзино име се прекинати, а лидерот Оџалан им порача на членовите дека „вооружената група ја исполнила својата првична цел и дека понатамошен напредок во борбата за курдските права може да се постигне со помош на политиката“

КУРДИТЕ ГО ПОЛОЖИЈА ОРУЖЈЕТО ПО ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ

Според официјалното соопштение на Курдистанската работничка партија (ПКК), на 12-от конгрес на организацијата, одржан од 5 до 7 мај, е донесена конечна одлука за распуштање. „Оружената борба заврши, оружјето е оставено“, се наведува во одлуката на конгресот. Одлуката за распуштање на ПКК доаѓа по повикот на нејзиниот лидер Абдула Оџалан, кој неодамна апелираше до членовите да прекинат со огнот. Во меморандум преку неговите адвокати тој им кажа на членовите дека „вооружената група ја исполнила својата првична цел и дека понатамошен напредок во борбата за курдските права може да се постигне со помош на политиката“. Патем, Оџалан е во затвор од 1999 година, отслужувајќи доживотна казна затвор на остров во Мраморно Море.
– Курдското прашање достигна точка каде што може да се реши со демократска политика. Обновувањето на турско-курдските односи е неизбежно. Спроведувањето на процесот на разоружување ќе го води Абдула Оџалан – се наведува во соопштението на ПКК.
Таму се додава дека ПКК ќе ја исполни својата одговорност во развојот на курдската демократија, како и дека групата ја завршила својата дипломатска мисија. Исто така, се нагласува дека одлуката била донесена под влијание на актуелните настани на Блискиот Исток. Од друга страна, во меморандумот не се споменува дали оваа одлука ќе важи и за сите подружници на ПКК во Ирак, Сирија и Иран, но и како ќе се спроведе разоружувањето и што ќе се случи со постојните борци.
Дел од курдската заедница ја поздрави веста, бидејќи им даде надеж дека крајот на конфликтот меѓу ПКК и Турција потенцијално ќе влијае врз владата формално да им додели поголеми права на Курдите. Р.С.


Накратко за Курдистанската работничка партија (ПКК) и за Курдите

ПКК е вооружена група формирана од Абдула Оџалан во 1978 година во Југоисточна Турција. Идеологијата на групата се базира на марксистичко-ленинистички идеи. Непосредно по воениот удар во Турција во 1980 година, Оџалан побегнал во соседна Сирија. Четири години подоцна, тој започнал оружена борба против Анкара. Подоцна, Дамаск ја прекинал поддршката за Оџалан поради закана од војна со Турција во 1998 година. Сириските власти ги затвориле камповите на ПКК и го протерале лидерот на движењето. Оџалан е уапсен во главниот град на Кенија, Најроби, на почетокот на 1999 година и екстрадиран во Турција, каде што е осуден на смрт за велепредавство и тероризам. Подоцна казната му е заменета со доживотен затвор и тој е затворен на островот Имрали во Мраморно Море, каде што поголемиот дел од времето е во изолација.
Во октомври минатата година лидерот на Партијата на националистичката акција (ПНА) и главен политички сојузник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Девлет Бахчели, ја шокира Анкара со навестување дека Оџалан би можел да биде ослободен, под услов да прогласи крај на оружената борба на својата организација. Владејачката Партија на правдата и развојот (ППР) на Ердоган ја поддржа иницијативата, по што прокурдската партија ДЕМ (Партија за еднаквост и демократија на народите), која се залага за поголеми права и автономија на Курдите, одржа разговори со Оџалан во затворот на островот Имрали.
По средбите меѓу претставниците на ДЕМ и Оџалан, на 27 февруари курдскиот бунтовнички лидер упати историски повик за распуштање на ПКК и ставање крај на оружената борба, во која од 1984 година досега загинале десетици илјади луѓе.
Курдите се етничка група од околу 40 милиони луѓе. Тие се широкораспространети во Турција, Сирија, Иран и Ирак. Светските сили им ветија, но никогаш не им дадоа, сопствена нација по Првата светска војна и оттогаш тие започнаа различни форми на отпор. Курдите се исто така најголемото малцинство во Турција, сочинувајќи помеѓу 15 и 20 проценти од населението. Р.С.