Фото: Принтскрин

Западните земји треба најсериозно да ја сфатат изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, во која тој зборуваше за украинскиот конфликт и употребата на новата руска балистичка ракета „Орешкин“, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој рече и дека јавната комуникација во различни земји се одвива поинаку, но дека „ако претседателот нешто каже во Русија, тоа не се празни зборови“, објави порталот Portfolio.hu. Тој потсети дека Украина е сосед на Унгарија и дека „не е потребна голема фантазија за да се замисли колку брзи и неочекувани можат да бидат последиците од војна во соседна земја“.

– Опасноста е неизбежна. Овие вести говорат за непосредна воена опасност за Унгарија – рече Орбан.

По повод инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Орбан изјави дека „секој што бил војник и чувал стража знае дека ноќта е најтемна пред зори“.

– Ќе дојде зората за два месеци, но дотогаш живееме во уште поголем мрак од порано. Следат двата најопасни месеци од војната – додаде Орбан.

Тој посочи дека очекуваната промена на политиката на Вашингтон неминовно ќе влијае на пристапот на Западна Европа кон украинскиот конфликт. Орбан додаде дека Унгарија ќе дејствува „промислено и смирено“.